Жива е Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Покомично од тоа кога арамијата вреска „држете го крадецот!“ или кога проститутката зборува за чесност може да биде само кога (поранешни, а богами и сегашни) вандали обвинуваат за вандализам во герила акцијата „Жива е Македонија“. Тие што ја запалија канцеларијата на претседателот и што ги бојосуваа спомениците, плоштадите и фасадите на државните објекти да ми ти се растревожиле од чкртањето на новите метални табли пред фигурите со ликовите од историјата на древна Македонија?! Не им било право што некој на ваков начин го изразува несогласувањето со написите на таблите дека станува збор за „историска фигура што припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација“.

Да не очекуваа можеби букети свежо цвеќе и почесни стражи од одушевени граѓани, горди што слават личности од „туѓа“ историја, како што тврди државата во согласност со преземените обврски од Преспанскиот договор? Или можеби си мислат дека само тие можат да уништуваат, брусејќи шахти и мермерни плочи со Сонцето од Кутлеш? А другите немо ќе го набљудуваат секое ново понижување од тие што плукнаа на јасно изразената волја на народот на пропаднатиот референдум за спогодбата од Нивици?

Што си дробел, тоа ќе си сркаш, вели народната мудрост. Тој што со улична „демократија“ ќе се добере до власт, кога-тогаш ќе се соочи со „улицата“, бидејќи еден преседан раѓа друг. Посебно кога некој си дозволува да го гази ставот на двотретинското мнозинство од граѓаните и неовластен од нив, а во нивно име, самоволно да решава за нивната историја. Со еден потпис да им го избрише минатото и потоа со некакви плехчиња да ги „просветлува“ колку биле во заблуда кога некого овековечиле.

Па, добро бе, „генијалци“, што ви кажува последниот дел од натписот на таблите – дека конкретната историска фигура припаѓа (и) на „светското културно и историско наследство“? Според тоа, и Македонците, како дел од тој свет, полагаат право врз наследството на наведените личности, дотолку повеќе што живеат на територијата каде што тие некогаш владееле. Исто како што македонските револуционерни или културни дејци му припаѓаат на истото тоа светско културно и историско наследство.

Впрочем, и Шкотите му имаат подигнато споменик на Александар Македонски во Единбург, и тоа уште во 1883 година, па никој не бара(л) од нив да гo хеленизираат со метална плоча. А Шкотска e оддалечена 2.500 километри од Македонија и древното кралство од кое најголемиот војсководец во историјата тргнал во поход и го покорил речиси целиот тогаш познат свет.

Фасцинира чудесната трансформација на „мудрециве“ што со години крекаа за антиквизација во ревносни промотори на хеленизацијата. Толку се експедитивни и исполнителни во имплементирањето на тоа што си го договориле во Преспа, иако имаат „фора“ од уште речиси три години, што веќе имаат обезбедено посебно место во историјата на јужниот сосед. По сè што сторија досега, апсолутно заслужија барем по еден споменик во Грција со метална табла пред него и натпис дека станува збор за „историска фигура која припаѓа на хеленската историја и цивилизација“.

Прашањето е само дали Грците ќе имаат доволно голем мост за да ги собере сите.

SHARE