Животна игра и улогите во животот – пишува Д-р Пехчевска Поп-Илиев

Во последно време многу често размислувам за улогите кои ги играме во животот и нивната важност во нашите животи. Кога мислиш дека знаеш многу, па наеднаш ќе разбереш дека има уште многу повеќе начини и перспективи низ кои можеш да гледаш на некој проблем. Всушност тоа е убавината на овој живот, можноста постојано да откриваме нови видици и нови искуства.

Дали улогите се важни во нашите животи и зошто?

Баш неодамна ми се наметна нешто што ме инспирираше да пишувам на оваа тема. Во неврзан разговор со мојата пријателка, ми спомна дека таа верува дека засега успешно се справува се целава кризна ситуација, но сепак по завршување на оваа криза, таа е решена да промени многу работи во својот живот.

Покрај своите неостварени желби и амбиции, една од најважните одлуки е комлетно да ги промени своите животни улоги. Тогаш повторно почнав да размислувам за значењето на улогите во нашите животи.

Зошто една прекрасна исполнета жена во секој сегмент, би сакала да ги промени своите животни улоги? Кога би ја гледала од страна, секој би помислил дека маестрално управува со својот живот, успешно ја игра улогата на жена и мајка, партнерка и пријателка, стручњак во својата област итн. Нешто сепак и недостасува и ќе ја надополни во она што веќе е, или комплетно ќе ја промени. Тоа му доаѓа како некое ново ниво во игрица, надополнување во нашата животна стратегија.

Гледајќи како некои луѓе едноставно го прават вртењето на нов лист во животот, заклучувам дека улогите во животот се променливи. Тие се во основна манифестација на она што веќе сме и тоа што сакаме да бидеме. Тоа е како некој показател колку сме напреднале во животот. Кога ќе исполниме една улога, се фокусираме на друга и постојано трагаме кон нова.

Во исто време она што нѐ плаши е всушност токму тој недостаток на улоги во живот или кога не сме исполниле една од општествено прифатените улоги. Што сме ако не сме мајка или татко, партнер или партнерка, директор или вработен, ако не сме тоа, дали и тогаш исто ќе вредиме? Колку придаваме важност како општеството нѐ вреднува, како нѐ вреднуваат поединците околу нас?

Колку се врзуваме за улогите кои ги имаме?

Некои луѓе имаат посебно врзување за една улога посебно ако тоа е моќна улога. И тогаш имаат голем проблем кога општеството кое во еден миг ги става на пиедестал во друг момент ги остава во мирување. Тогаш во таа животна трансформација за нив се случува голема криза. Нивната улога се менува и тогаш прашањето кое треба сами да си го одговориме е дали новата улога е помалку важна од онаа која сме ја имале претходно?

Многу често се прашувам зошто возрасните луѓе со посебна гордост зборуваат за времето кога биле студенти, вредни работници, професори, менаџери. Дали се чувствуваат помалку вредни кога веќе не ги играат тие “престижни” улоги? Дали како жена мислам дека ќе бидам повредна ако се омажам или родам деца? Можеби ќе добиеме општествен аплауз, но дали со таа улога би биле навистина среќни?
Оваа илузија на промена на улогите веројатно многу јасно ги почуствувале жените кои се развеле или кои поради некои одредни причини останале без потомство.

Сите улоги и титули еден ден можат да бидат одземени, а писмените дипломи скинати. Тоа се моментите кога животот нѐ демантира и ја открива лажната сигурност и битност која се крие за улогите. Многу е горко искуството за излегување од улогите за некој кој еднаш бил авторитет, власт и моќ, па доживеал пад, промена на позицијата.

Не мислам дека улогите и титулите се нешто лошо, напротив, тоа се прилики да научиме нешто повеќе за себе и да развиеме многу вештини. Проблемот е кога со сета сила се трудиме да ги исполниме очекувањата кои се наментуваат од таа улога. Да нѐ дозволиме истите да нѐ уништат, нашата среќа, нашите вистински страсти и вредности.

Многу корисно е да ги провериме нашите вредности многу порано пред да се соочиме со транзиција, да видиме што тие ни носат во животот. Во зависност од тоа дали ги следиме нашите вистински вредности си го претвораме животот во рај или пекол. Можеме ли да си дозволиме да ја избереме онаа улога која нам најмногу ни одговара, а не она што им е битно на другите па макар биле тоа и нашите најблиски.

Во тој контекст најбитно е да си направиме опкружување и живот кој ни е згоден, забавен и лесен. Кој го одобрува она што го сакаме и чувстуваме? Нашиот живот со кој сме задоволни?

Верувам дека добар живот значи баланс во нашите улоги, да не дозволиме улогите да нѐ угушат. Свесни сме дека играњето на улогите е магепсан круг низ кој проаѓа животот и на крајот ќе биде важно само колку сме биле среќни во сето тоа или само сме чекале да дојде крајот. Што сме правеле од љубов, а што затоа што сме морале, или само затоа што тоа е општествено прифатливо.

Со време разбирам дека луѓето најлесно се имресионираат со титули, дипломи, сертификати, медаљи. Најлесно ја проценуваат вредноста на човекот врз основа на тие признанија. Сите ние имаме такво слично искуство, посебно кога станува збор за проценка во однос на капацитетите на луѓето. Но всушност целата магија е во патувањето низ животот, а патувањето е искуството кое никој никогаш не може да ни го одземе.

Нашето его има потреба да се задоволува со играње на различни улоги кои сами ги бираме низ животот. Има многу улоги кои ги играме низ животот, но клучното прашање е колку цврсто сме врзани со тие улоги. Многу луѓе се незадоволни од својот живот токму поради тоа што не можат да го прифатат фактот дека сите улоги во животот се миниливи и се менуваат во зависност од нашите животни транзиции.
Како најјасен пример е улогата на родител која ја имаме, и токму со таа улога се поставува клучното прашање – Дали би можеле да излеземе од таа улога лесно или дали сме премногу врзани за оваа улога без притоа да бидеме свесни дека со тек на време таа улога треба полека да ја отпуштаме.

Сите оние луѓе кои успеале да се остварат во повеќе сегменти во животот, можат полесно да разберат дека во различни транзиции во животот улогите треба да ги менуваме, зајакнуваме или олабавуваме во зависност од моментумот. Многу луѓе грчевито се држат околу една улога во својот живот, дури и ја врзуваат таа улога со својот идентитет и за нив претставува комплетен крах доколку таа улога им се одземе.

Она што е интересно за спомување е дека многу од нас ја искусуваат и улогата на жртва во својот живот. Тогаш, не реализирајќи се во другите улоги тие лесно ја фрлаат вината кон своите најблиски, соработници, фамилија, пријатели кои никако не можат да ги разберат дека тие ја имаат најтешката улога во светот, и дека сите околу нив освен нив самите, се одговорни за нивната жртвена ситуација.
Дали познавате некоја личност која е исполнета и задоволна од својот живот, а притоа да тврди дека другите се одговорни за нејзиниот успех?
Сосема е нормално сите да поминеме низ различни улоги и тоа е сосема во ред. Да го исполниме животот со улоги, а не улогите со живот е клучот за среќен живот, а сѐ останато е пополнување на празнини и исполнување на зададени задачи.

Исклучително е важно да разбереме дека сопстветната среќа зависи исклучиво од нас самите и од одлуките кои ние ги носиме во животот. Со нашите одлуки се менуваат и нашите погледи и ставови кон нашето секојдевние.

Би можело да се каже дека смислата на животот е континуирано прифаќање и создавање на нова “љубов”. Љубов кон себе и кон самоостварување. Да се сакаме себеси најмногу и да го остваруваме она што најмногу го сакаме.

Пишува:
Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник

SHARE