Знае ли “генсекот” на СДСМ колку се 35 илјади евра – пишува Горан Момироски

Насловна фотографија: Училиште во С. Луке, Крива Паланка

Фото: Локални жители

Откако деновиве ја прочитав идејата на колеги за ограничување на правото на објавување колумни на една неделно или за редакциски консензус при објавување, во знак на поддршка на тие што се против предлогот, решив да пишувам по една колумна дневно, ако даде Господ понекогаш и две. Засега за објавување на колумните не морам да платам.

Спиеш ли мирно Николовски Љупчо?

Знае ли генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски дека во општината од каде што влезе во високата политика се случува неверојатна јавна набавка со државни пари во која се трошат 35 илјади евра на граѓаните.

Не се работи за патишта, згради, инфраструктура… се работи за е…а ограда, се надевам не е златна.

Општината Крива Паланка ќе потроши над 2 милиони и 100 илјади денари за поставување на ограда околу училиштето во планинското село Луке каде сега учат вкупно 4 ученици а според трендот таму за неколку години ќе нема ниту еден ученик.

Тендерот го објавил и склучил директорот на централното основно училиште Јоаким Крчовски во Крива Паланка а се однесува на подрачното училиште во селото Луке кое се наоѓа во близина на тромеѓето Македонија – Србија -Македонија.

Бизнисот во планинската област каде најпознато село е Поддржикоњ од каде доаѓа Стевче Јакимовски, го добила фирмата “Белешков Инжинеринг увоз-извоз” од Крива Паланка.

Една од најспорните работи во овој бонбона бизнис е што во стотина други селски средини со повеќе од 4 деца во Македонија воопшто нема училишта или тие се во мизерна состојба а овде само за ограда се трошат фантастични 35 илјади евра.

Безбедноста на учениците мора да биде примарна задача за локалните и образовните власти но трошење на 35 илјади евра за ограда во планинско село каде нема криминал и каде животните како потенцијална опасност за децата лесно ќе влезат во школскиот двор дури и со електрична ограда мириса на корупција.

Жители на Луке кои од мене побараа да ја објавам информацијата велат дека нема никаква логика толку многу пари да се потрошат на ограда.

Се нафаќаат сами да направат бесплатно ограда од дрва а парите да се потрошат на покорисни работи за заедницата во ова екстремно сиромашно подрачје.

Поради индициите дека се работи за корупција и криминал по допрен глас за случајот ќе мора да се произнесат Владата, Антикорупциската комисија и Генералниот секретар на СДСМ кој добро ги познава состојбите во општината Крива Паланка каде партиски кадри го водат локалното образование.

SHARE