ЗНМ ги осуди заканите за убиство на новинари од бизнисменот Азманов

Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува вербалната закана за убиство упатена кон новинарите и уредникот на 1ТВ Ацо Кабранов од страна на бизнисменот Зоран Азманов.

“Овие закани претставуваат брутално кршење на правата на новинарите и обид за цензура во медиумите кои се обидуваат критички да ја опсервираат работата на бизнис заедницата”, се вели во ставот на ЗНМ за инцидентот во кој бизнисменот незадоволен од медиумско покривање се заканувал по животот на новинари.

ЗНА бара од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Македонија активно да го следат овој инцидент во насока на брза разрешница. Само со строга санкција на нападите и заканите може да се спречи дополнително насилство кон новинарите.

“Повторно потсетуваме дека доколку граѓаните сметаат дека медиумите известуваат непрофесионално на располагање ги имаат Советот на честа при ЗНМ, како и Советот за етика во медиумите. Медиумската саморегулација е најдобриот начин да се заштитат граѓаните од евентуално непрофесионално новинарство и непринципиелна работа на медиумите”, е ставот на ЗНМ.