Зона на самракот – пишува Кирил Миноски

„Зона на самракот“ ( на англиски јазик The Twilight Zone) е антологиска телевизиска серија на авторот Род Серлинг, со епизоди кои што најчесто завршуваа со ужас, неочекуван пресврт и наравоучение.

Се чини дека се она што се случува во моментов во Македонија, многу наликува на епизода од „Зона на самракот“. И покрај обидите да се прикаже дека ситуацијата е под контрола, секојдневно сме сведоци на двоцифрени бројки на починати како последица од пандемијата, што се должи и на евидентното катастрофално лошо справување на институциите со здравствената криза.

Како за илустрација, не постои никаков организиран систем со кој што на граѓаните ќе им се овозможи тестирањето да се врши во јавното здравство, наместо по приватните здравствени институции, со што дополнително се исцрпува и онака тенкиот семеен буџет.

На пример доколку едно четиричлено семејство има потреба од тестирање истото треба да издвои сума од 17,800 денари, што е износ повисок од нето износот на минималната плата. Од овие причини не сите заразени се тестираат, со што се овозможува заразата непречено да се шири, а состојбата дополнително да се влошува.

Општо познат е фактот дека времетраењето на здравствената криза е во правопропорционална врска со времетраењето и опсегот на економската криза. Очигледно е дека неспособноста на властите во континуитет да се справат со здравствената криза, којашто кај нас за разлика од останатите земји во регионот речиси непрекинато трае од март 2020 година , а во последните десетина дена еруптираше со огромен број на новозаразени и починати лица, со што се минимални изгледите во догледно време да биде ставена под контрола, не наведува на логичен заклучок дека економската криза ќе се продлабочува, а со тоа и последиците врз граѓаните и компаниите.

И покрај бомбастично најавуваните три пакети на мерки за спас на економијата кои што видовме дека сеуште не се во целост реализирани и првичните оптимистички најави од Светска банка дека Македонската економија ќе има најмал пад на БДП од само 2,1%, пред неколку дена и официјално оптимизмот спласна , а проекциите на Светска Банка беа корегирани во надолна линија на минус 4,2 % со можност до крајот на годината да ги надминат и овие предвидувања во негативна насока.

Факт што треба да не загрижи.

Логично се наметнува прашањето дали мерките што Владата ги носеше беа соодветно осмислени и на кој начин беше мониторирано нивното спроведување, со оглед дека истите не ги дадоа посакуваните резултати.

На јавноста не и се познати ниту ефектите од поделената социјална помош и вредносни ваучери, а се наметнува и прашањето зашто и сега не се дели социјална помош во услови кога кризата е уште посериозна?

Рекордниот буџетски дефицит што ни е најавен за оваа година, со себе носи и потреба од зголемување на јавниот долг кој што веќе ја помина црвената линија на презадолженост.

За жал денеска не ги гледаме аналитичарите кои што покажуваа серозна загриженост за висината на јавниот долг кога неговата висина беше 46% од БДП, а насловите по медиумите гласеа: „Кој ќе ги плаќа долговите на државата?, Дали влегуваме во должничко сценарио? и слично.

Да се потсетиме дека паралелно со оваа медиумска негативна кампања се поттикнуваа и организираа протести пред Министерството за финансии против задолжувањето и се пишуваа писма до странските инвеститори, што на крај доведе до зголемување на каматата на издадената еврообврзницата чиј што цех го платија сите граѓаните на Република Македонија.

Подоцна токму тие средства обезбедија стабилност на јавните финансии во периодот на политички турбуленции во државата. Навистина се прашувам што се случи со загриженоста која што беше пласирана во јавноста во однос на висината на јавниот долг, во услови кога висината на јавниот долго во вториот квартал на 2020 ја надмина границата од 60 % во однос на висината на БДП, а ние официјално станавме високо задолжена земја?

Дали престана дел од јавноста да се грижи за иднината на сопствените деца и за тоа кој ќе ги плаќа долговите на државата?

Ова отсуството на реакција е дотолку пострашно ако се знае дека трендот на раст на јавниот долг ќе продолжи и во наредниот период, а не гледаме ниту сериозна стратегија како јавниот долг да се стави под контрола.

Во меѓувреме речиси сите параметри во економијата се негативни: пад на индустриското произодство, намалување на извозот, зголемување на невработеноста, намалување на странските инвестиции кои речиси ги прогласивме за непријатели, тренд на селење на капиталот на домашните компании во странство поради несигурност, намалување на износот на дознаки од странство (по моделот на странските инвеститори и дијаспората ја прогласивме за непожелна), пропаѓање на малите бизниси, катастрофално лошо ниво на реализација на капиталните инвестиици, зголемување на сиромаштијата, зголемување на долгот на државата и јавните компании кон приватниот сектор итн.

Доколку се земат во предвид и предвидувањата на главниот економист на Светска банка Кармен Рајнхарт, којашто неодамна изјави дека пандемијата на коронавирус се претвора во голема економска криза, која што лесно може да премине и во финансиска криза, очигледно е дека неопходно е итно превземање на мерки со кои бе се ублажиле последиците од економската криза, која што според сите најави ќе трае долго, а кај нас имајќи ги во предвид сите структурални слабости на економијата, проблемите со висината на јавниот долг, како и неефикасноста на институциите тој период ќе биде уште подолг.

Декларативните заложби дека се е под контрола и бомбастичниот ПР од дефокусирачки побуди, веќе се покажува како контрапродуктивен дури и на краток рок, а на долг рок истиот целосно е разобличен како лажна вест од официјалната статистика.

Неопходна ни е иновативност, стручност, компетентност и транспарентност во креирањето и спроведувањето на политиките, кои што треба да ја спасат економијата и стандардот на граѓаните. Со оглед дека Владата не покажува спремност и отвореност за прифаќање на предлози и идеи надвор од нејзиниот видокруг и сфера на влијание, депласирано е да се даваат истите, со што таа ја превзема врз себе целокупната одговорност за сите последици од таквото однесување, кои што за жал не се само нејзини туку ги/ќе ги чувствуваме сите ние.

Во меѓувреме економската криза и сиромаштија се повеќе притискаат, а граѓаните и компаниите се повеќе стануваат очајни и депресивни.

Дали ќе излеземе од „Зоната на самракот“ или мирно и тивко ќе ги броиме стечајците како во времето на транзицијата, за на крајот најгоемиот дел да излезат сиромашни од кризата, а мал дел екстремно богати, зависи од сите нас.

Кирил Миноски
(Екс министер за финансии)

SHARE