Регион

Грција побогата за речиси 8 милијарди од туризам за само шест месеци

Угостила 11,7 милиони туристи

Во првата половина од 2025 година, бројот на туристи во Грција бележи минимален раст од 0,6%, меѓутоа приходите од туризмот се за 11% повисоки споредбено со истиот период лани, покажуваат податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот јануари – јуни 2025 година, Грција ја посетиле речиси 11,7 милиони туристи, а приходите достигнале до 7,66 милијарди евра.

Поконкретно, како што соопштија од Банката на Грција, порастот се должи како на зголемените приходи од жители на земјите од ЕУ за 8,5 %, на 4 милијарди евра, така и на зголемувањето на приходите од жители на останатите земји за 13,7% кои изнесуваат 3,2 милијарди евра.

Во однос на бројот на туристи, се зголемил за само 0,6% споредбено со лани, а земјата ја посетиле 11,69 милиони туристи.

Туристичкиот сообраќај преку аеродромите бележи раст од 4,9%, додека преку копнените гранични премини е забележан пад од 13,1%.

Од земјите-членки на ЕУ, Грција ја посетиле 6,4 милиони туристи (намалување од 6,3% во споредба со истиот период лани), додека од останатите земји има зголемување за 10,5 % достигнувајќи до 5.3 милиони патници.

Во однос на податоците за јуни 2025 година, и покрај тоа што бројот на туристи во Грција се намалил за 1,7% во споредба со истиот месец лани, приходите се зголемени за 8,8 %.

Во конкретниот месец, драстично се намалени пристигнувањата преку копнените гранични премини (за 19,7%).

Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра.

Најнови вести од: Регион

Нов услов за странските работници во Хрватска – ќе мора да учат хрватски!

Наскоро ќе се воведе обврска за странските работници да учат и да полагаат испит на хрватски јазик како услов за продолжување на нивната дозвола за работа во Хрватска, а исто така им се овозможува полесно да ги менуваат работодавачите. Хрватската влада на денешната седница усвоила измени на Законот за странци и ги испратила во парламентот. Измените се прават, заради усогласување со законодавството на ЕУ, односно со Директивата за единствена постапка за обработка на барањата за издавање единствена дозвола за престој и Пактот за азил и миграција, кој воведува нови правила за управување со миграцијата и воспоставување заеднички систем за азил на ниво на Европската унија.

„Нетпрес“: Тројцата убиени во Бугарија биле од паравоена организација, која соработувала со бугарските власти

Тројцата убиени мажи, кои вчера биле пронајдени во поранешниот планинарски дом „Петрохан“ на Стара Планина во Бугарија биле припадници на паравоена ренџерска агенција, јавија бугарските медиуми. Трите жртви пронајдени убиени во „Петрохан“ се Дечо В. (45), Ивајло И. (49) и Пламен Ст. (51), објави бТВ. Тие биле членови на паравоена организација.

To top