Бизнис

Филтерот на бројките: Дали малите хидроцентрали навистина испорачуваат најевтина зелена енергија?

Малите хидроцентрали (МХЕ) се еден од најдискутираните, силно критикувани, но и најмалку разбраните извори на обновлива енергија

Малите хидроцентрали (МХЕ) се еден од најдискутираните, силно критикувани, но и најмалку разбраните извори на обновлива енергија. Постојано набљудувани низ црно-белата призма на добро и лошо, ја имаме ли реалната претстава за малите хидроцентрали?

Струјата од обновливи извори на енергија, меѓу кои и од малите хидроцентрали во Македонија е скап производ затоа што ова се извори на зелена енергија. Иако ова е „чиста“ струја од аспект на емисии на загадувачи на животната средина, мали хидроцентрали се мета на силни критики поради влијанието што може да го имаат врз биодиверзитетот во средините каде работат.

МХЕ низ „филтерот“ на бројките

Официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика и МЕМО покажуваат дека во 2024 година над стотина мали хидроцентрали испорачале околу 180,7 GWh струја во системот. За таа услуга, како производители со повластени тарифи, наплатиле околу 906 милиони денари или околу 14,7 милиони евра. Ако се споредат просечните исплатени цени на производителите кои имаат повластени тарифи, се доаѓа до заклучокот дека најевтиниот киловат-час електрична енергија произведен од обновливи извори на енергија, е токму оној од малите хидроцентрали. Можеби тоа не е случај секоја година, но лани производството наспроти просечната исплатена цена изгледа вака:

МХЕ со 180,7 GWh исплатена просечна цена – 5,01 ден/kWh

Ветерните централи со 163,2 GWh – 5,48 ден/kWh

Фотоволтаичните централи за 16,8 GWh – 14,38 ден/kWh

Биогасните централи за 38,9 GWh – 11,08 ден/kWh.

Слична е состојбата и во 2023 година кога за еден киловат-час електрична енергија на малите хидроцентрали им е исплатена просечна годишна цена од 4,72 ден/kWh, на ветерните централи – 5,48 ден/kWh, на фотоволтаични централи – 14,32 ден/kWh и на биогасни централи – 10,58 ден/kWh.

Иако се мали и не се доминантна алка во миксот од производители МХЕ се важни затоа што даваат стабилно производство. Односно, можат да придонесат кога ветерниците и фотоволтаиците не можат да одговорат на потрошувачката. Во 2024 година, 55,72 одсто од вкупниот инсталиран капацитет во државата е од обновливи извори на енергија. Од нив уделот на хидроцентралите во инсталираната можност изнесува 24,13%.

Колку враќаат во државниот и општинските буџети?

Малите хидроцентрали плаќаат и концесии и надомест за концесии за користење на вода за производство на електрична енергија. И тоа, според Законот за водите концесискиот надоместок за користење вода за производство на електрична енергија се дели 50:50 меѓу државниот буџет и буџетот на општината на чија територија е концесијата. Висината на годишниот надоместок се пресметува како процент од просечната цена на произведената електрична енергија.

На пример Општина Дебрца за 2024 година наплатила 510 илјади денари надоместок, слично како и општина Демир Хисар, додека Кичево во годишниот Буџет има прилив од 1,8 милиони денари или речиси 30 илјади евра од двете мали хидроцентрали кои работат на нејзината територија. Општина Маврово и Ростуше очекува и годинава да има приход од користењето на водата за производство на електрична енергија од околу 550 илјади денари.

Уште толкав износ е уплатен и на сметката на државниот Буџет.

Проектирани и управувани според современи еколошки стандарди, МХЕ можат да обезбедат локална струја, стабилност на мрежата и приходи за општините.

Домашно законодавна рамка

На платформата ЕНЕР е објавен Предлог-закон за користење на енергија од обновливи извори, кој поставува нова рамка и за малите хидропроекти. Со законот се регулираат нето-мерење и нето-шеми за потрошувачи-производители (просумери), што е особено важно за локалните енергетски заедници и мали објекти, како и гаранции на потекло на енергијата и постапки за обезбедување на севкупната документација за проектот.

Еколошките услови за МХЕ, пак, се пропишани со Законот за животна средина и со дозволите што се издаваат. Проектите за хидроенергија подлежат на постапка за оцена на влијание врз животната средина со јавен увид или јавна расправа, а надлежното министерство носи решение врз основа на студијата, експертскиот извештај и вградените мислења од јавноста. Ова е „филтерот“ низ кој мора да помине секој проект пред да добие зелено светло.

Европски искуства

Иако во 2020 година дел од европските невладини организации ја доведоа во прашање користа од новите хидроенергетски проекти, податоците зборуваат поинаку: дури 91% од постојните и планираните хидроцентрали во Европа се токму мали, односно имаат инсталиран капацитет под 10 MW. Оваа бројка потврдува дека технологијата е клучен дел од енергетската транзиција.

Примери има многу. Во Австрија, каде што планинските региони се тешко достапни, МХЕ обезбедуваат стабилно производство на електрична енергија и дополнителен извор на приходи за локалните заедници. Во Норвешка и Шведска, пак, ваквите централи се дел од поширок микс на обновливи извори и често се користат за брзо балансирање на системот кога соларните и ветерните постројки не испорачуваат доволно енергија.

Вредноста на „малото“ за целата мрежа

Во оддалечени планински места каде што проширувањето на дистрибутивната мрежа е скапо, МХЕ даваат 24/7 предвидливо производство на електрична енергија, што е основна предност на овие производители. Ресурс што може брзо да „влезе“ во мрежата, да ја избалансира побарувачката и производството и да го зголеми или намали производството за неколку минути.

Дури и Американското Министерство за енергетика ја нотира оваа флексибилност како суштинска причина за поддршка на изградбата на хидроцентралите. Додека според студиите на Американската хидропауер асоцијација, МХЕ имаат уште една клучна предност: можат да помогнат во повторно ставање во функција на електроенергетскиот систем по голем прекин, што ги прави важен столб за енергетската безбедност.

Во комбинација со солар и ветер, МХЕ делува како „еластична врска“: брзо ја пополнува празнината кога облаците ја намалуваат фотоволтаичната генерација или кога ветерот стивнува. Во екстремни настани на прекин на производството на електрична енергија кај носителите на системот, како што се големите термоцентрали, МХЕ може да помогне при повторно вклучување на системот по прекин. Токму оваа брза променливост е причината поради која хидроенергијата се третира како клучен извор за сигурност и резерви во модерните електроенергетски системи.

Атрактивни се и за инвеститорите бидејќи нема потреба од изградба на големи брани и акумулации, што го намалува трошокот, но и влијанието врз животната средина.

Најнови вести од: Бизнис

(Видео): Камен-темелник за „Чебрен и Галиште“ в година – инвестиција од една милијарда евра

Проектот Чебрен и Галиште по децении чекање конечно ќе се реализира. Премиерот Мицкоски е оптимист дека ќе се најде инвеститор и дека камен темелник би можел да се стави веќе наредната година.

Финансискиот систем стабилен, умерени ризици кај домаќинствата и кај фирмите

Финансискиот систем во земјава ги задржа стабилноста и отпорноста во 2025 година, и покрај неизвесноста во глобалното окружување, оцени Советот на Народната банка при усвојувањето на извештајот за финансиската стабилност.

Македонија увезува над 40% повеќе стоки отколку што извезува – Како стојат земјите од регионот?!

Од јануари до јули 2026 година од земјава биле извезени стоки во вредност од 5,103 милијарди евра. Увозот во истиот период достигнал 7,199 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 71 отсто.

Министерот за земјоделство го претстави Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи

Зземјоделците ќе потпишуваат договори пред испорака на производот со точни цени количини и рокови на плаќање. Министерот Серафимовски го претстави Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи.

Како до поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан – предизвици и можности?!

Процесот на проширување на Европската Унија во Западен Балкан претставува заеднички интерес за двете страни. Интеграциите подразбираат и многу реформи во општеството, зајакнување на институциите, усогласување на законите, како и реформи на економски и социјален план.

To top