
Фудбалерите на Пари Сен Жермен го декласираа Интер со 5:0 во финалето на Лигата на шампионите на „Алијанц арената“ во Минхен и во својот петти завршен обид конечно ја освоија првата европска титула во историјата на клубот од Париз.
Најубедливиот триумф во едно финале на ЛШ го донесоа двојниот стрелец Дезире Дуе во 20. и 63. минута, а по еднаш мрежата на тимот од Милано ја погодија Ашраф Хакими во 12. минута, Хвича Кварацхелија во 73. минута и Сени Мајулу четири минути пред крајот.
Десет години откако ја одведе Барселона до највредниот клупски трофеј на стариот континент, тренерот Луис Енрике го повтори тоа и со париските „светци“, кои својата најуспешна сезона во клупската историја ја завршија со тројна круна, а Интер остана со празни раце во сите натпреварувања во кои настапи.