
Туристичката сезона во Охрид почна, а тоа може да се види и по цените во угостителските објекти. Граѓаните на социјалните мрежи се пожалија дека охридските угостители ова лето претерале со цените. Цените на кафето се движат од 150 до 250 денари зависи какво и каде го пиете, цените на пивото се од 150 до 300 денари, а на цедените сокови од 200 до 300 денари, пренесе Вечер. Охриѓани со поделени мислења, едни велат дека во Охрид луксузот се плаќа и сега е сезона и нормално е цените да се повисоки. Други, пак, велат дека во сезона не можат да си дозволат да седнат на кафе и оти е претерано секое лето да плаќаат дупли цени.
Сопствениците на кафулиња во Охрид велат дека цените на пијалаците не се многу високи со оглед на тоа дека многу е зголемена киријата на угостителските објекти и цената на работната рака.
- Ако сакате да пиете кафе во кафулињата и во рестораните кои се покрај езеро, ќе платите 200 денари. Цените на пијалаците и храната во кафулињата и рестораните кои се на прва линија до езерото се речиси дупло повисоки. Ако некој сака нозете да му се во езеро и да ги гледа рибите додека пие кафе или пиво, ќе плати поскапо. Секаде луксузот се плаќа. Во чаршијата и во кафулињата кои се центарот на градот цените се поевтини. Кафето е 100 денари, соковите од 100 до 150 денари, а пивото од 150 до 200 денари, вели еден охриѓанец.
Тој додава дека за странците Охрид е евтин со оглед на тоа дека во Германија или Холандија едно кафе чини од 5 евра па нагоре.
Во Охрид има цени за сечиј џеб. Ако јадете во кафеаните кои се покрај езеро, како и во оние кои важат за елитни ресторани и имаат поубава храна и поквалитетна услуга, ќе платите поскапо.
Цената на една плескавица со додатоци е 300 денари, порција пилешки стек чини од 250 до 280 денари, а порција свинско ребро од 350 до 280 денари. Цената на мало пиво на плажа и во елитните ресторани е од 250 до 300 денари. За кило белвица во ресторан ќе платите 1.600 денари, а за кило пастрмка 2.500 денари.
На социјалните мрежи беа споделени фискални сметки од еден кафе-бар во Охрид на кој се гледа дека цените на пијалаците се доста високи. Во очи паѓа цената на турското кафе, кое во Охрид чини дури 160 денари.