Македонија

Филипче ќе добие жолт картон од голема група членови на СДСМ

Не се открива што ќе се случи ако луѓето што ја раководат партијата одбијат да заминат

Поранешниот градоначалник на Скопје од р Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Петре Шилегов, тврди дека во партијата се подготвува платформа со која ќе се бараат темелни реформи и лична одговорност од актуелното раководство на партијата.

Во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Шилегов рече дека СДСМ се соочува со сериозно кадровско празнење и дека голем број членови кои можат да придонесат за партијата веќе не се пожелни на Бихаќка.

„Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски сериозно е испразнет. Луѓето што можеа да помагаат, а се СДСМ, очигледно е дека не се пожелни. Сите не дочекаа на нож затоа што укажавме дека начинот на раководење со партијата во последните неколку години ја носи на прагот на политичка егзистенција“, рече Шилегов.

Тој смета дека изборните резултати покажуваат сериозен пад на поддршката, наведувајќи дека СДСМ во Скопје станал петта политичка сила, а во градови како Битола, Прилеп, Велес и Штип трета.

Шилегов негира дека со своите ставови работи во корист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека неговиот ангажман е исклучиво насочен кон зајакнување на СДСМ.

„Не може да се случи да работам за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што го правам можам да го правам само за СДСМ“, истакна тој.

Во врска со начинот на кој ќе се манифестира незадоволството во партијата, Шилегов вели дека процесот е веќе активен и дека постои поголема група социјалдемократи кои не се согласуваат со начинот на кој се води партијата.

„Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата тоа повеќе да не го прават. Да дојдат други луѓе што ќе ја раководат“, рече тој.

Според него, иницијативата ја водат луѓе кои долги години политички се развивале во СДСМ, а некои од нив се дел од партијата уште од младинските организации.

Шилегов оцени и дека Македонија во моментов е држава без силна опозиција, што според него оди во прилог на партијата Левица. Поради тоа, како што рече, дел од критички настроените граѓани сега опозициската алтернатива ја бараат токму во таа политичка опција.

Тој најави дека јавноста ќе биде информирана за понатамошните чекори, додавајќи дека наскоро ќе биде претставена платформа со која ќе се побараат сериозни реформи во СДСМ.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top