Информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од овој протест објави: Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков, инсистирајќи на „почитување на законските одредби и обезбедување рамноправност“. „Филков, оставка!“ и „За албанскиот јазик нема преговори!“ – ова беа главните пораки што доминираа на протестот на студентите-Албанци денес во Скопјe. Тие студенти од три универзитети – Универзитетот во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот Мајка Тереза – се придружија на овој протест, барајќи „испитот по право да се одржи на албански јазик, како право загарантирано со закон“.

Демонстрантите побараа оставка од министерот за правда, Игор Филков, по неговите изјави дека нема да дозволи испитот да се одржи на албански јазик. Студентите нагласија дека „нивното барање е јасно: целосно спроведување на Законот за употреба на јазиците“. Еден од главните гласови на протестот, студентот Мевлан Адеми рече дека овој „протест е резултат на неправда што не требало да постои во 2026 година“, нагласувајќи дека „држава што не ги спроведува правата не може да постои!“

„Овој протест требаше некогаш порано да се случи. Не требаше да се помисли дека во 2026 година студентите ќе излезат на улица, поради својот јазик. Пред да бидеме студенти и професионалци, ние сме Албанци. Албанскиот јазик не е само начинот на кој зборуваме, туку начинот на кој постоевме и стигнавме до тука. Албанскиот јазик не е предмет на преговори. Ние сме студенти по право – утре ќе го браниме законот, но денес го бараме нашето право на мајчин јазик. Држава што не ги спроведува своите права не може да постои!“ – изјави Адеми.
Студентот Бесар Сејдиу нагласи дека „нивното барање е минимално и целосно законско“. „Нашето барање е едноставно: почитувајте го Уставот и законот – ни повеќе, ни помалку. Нашите колеги имаат право да полагаат правосуден испит на албански јазик. Секое одложување е обид да се негира ова право.“ -, изјави тој. На крајот од протестот, студентите испратија „јасна предупредувачка порака до институциите“: „Ќе се вратиме повторно, ако не се реши прашањето за правосудниот испит на албански јазик“ – објави ИНА.