Пратениците Жаклина Пешевска и Бојан Стојаноски, како и градоначалниците на Гази Баба, Бобан Стефковски, и на Бутел, Дарко Костовски, денеска го посетија местото на масакрот на Велики Четврток пред 14 години на Смилковско Езеро и положија цвеќе за петтемина свирепо убиени Македонци во пресрет на големиот христијански празник Велигден.
„
ВЕЧНА СЛАВА НА УБИЕНИТЕ НА СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО.

И по 14 години, болката не стивнува… таа е длабока, тешка и присутна во секое срце, како да се случи вчера. Тагата не избледува, туку нè потсетува колку е скапа човечката судбина и колку е кревка правдата.

Денес, со наведнати глави и тишина во душата, запаливме свеќи и положивме свежо цвеќе на Смилковското езеро – во спомен на невино згаснатите животи.

На Велики Четврток пред 14 години, свирепо беа одземени животите на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски и Борче Стевковски – млади луѓе со соништа, со иднина, со живот пред себе.

На местото на трагедијата денес стои светилиште – Црквата „Св. 40 Маченици“, како вечен сведок на болката, но и на нашата вера. Подигнат е Свет крст, а се гради и камбанарија – како глас што ќе потсетува, ќе опоменува и ќе сведочи.

Нека нивната жртва биде вечен завет за правда, мир и човечност. Да не дозволиме заборавот да ја покрие вистината.

Никогаш да не се заборави!

Никогаш да не се повтори!“, објави Стефковски на Фејсбук.
На 12 април 2012 година вечерта од три типа огнено оружје од непосредна близина е пукано и притоа се убиени четири момчиња на возраст меѓу 18 и 21 година и 45-годишен рибар.
Во судскиот процес „Монструм“ за масакрот се обвинети и осудени на доживотен затвор Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години.
Алил Демировиќ и Африм Исмаиловиќ се во бегство во Косово и по нив се распишани потерници, но досега северниот македонски сосед не ги екстрадира во Македонија.