Македонија

Мицкоски: Не смееме да дозволиме да се заборави подвигот на загинатите борци! Нашите претци беа на вистинската страна на историјата, за разлика од окупаторите-„администратори“!

„Денес стоиме исправени пред историјата. Пред ден кој не е само датум во календарот, туку ден врежан во совеста на човештвото. Ден на победата над фашизмот. Ден кога светот покажа дека злото може да биде поразено, дека тиранијата не е вечна и дека слободата секогаш ја наоѓа својата сила во народите кои не се предаваат. Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор. Историја на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство.“ – порача и преку својот фејсбук-профил претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски по денешното одбележување на 9 мај, Денот на победата над фашизмот, кое се совпаѓа денес и со одбележувањето на Денот на Европа.

Натаму, премиерот нагласи: Во годините на Втората светска војна, македонскиот народ, рамо до рамо со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, застана на вистинската страна на историјата. Илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме. Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината. И затоа денес, кога се поклонуваме пред нивната жртва, не смееме да дозволиме нивниот подвиг да биде заборавен или релативизиран. Слободата никогаш не е подарок. Таа е избор, жртва и одговорност. И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори.

Претседателот на македонската Влада посочи дека 9 Мај не е само датум од историјата. Тоа е потсетник дека и во најтемните времиња народите можат да најдат сила да се обединат околу доброто. Дека омразата и поделбите никогаш не смеат да бидат посилни од достоинството и надежта. И дека Европа не е создадена само од договори и институции, туку од солзите на мајките, од жртвата на хероите и од сонот никогаш повеќе да не се повтори злото на војната. Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат. – истакна Мицкоски.

Нека е вечна славата на хероите кои ја победија темнината. Нека е вечна идејата за слобода. Доаѓа времето на Македонската иднина – горда, исправена и европска, порача премиерот Мицкоски.

 

Најнови вести од: Македонија

Мирис на свадбарски купус, домашни специјалитети и есенска дружба: Утре „Есенско пазарче“ во Ново Село, Кумановско

Утре, 25 октомври, во Туршијара „Суперкиз“ во Ново Село посетителите ги очекуваат традиционални вкусови, настап на фолклорниот ансамбл „СРМА“, детски активности и работилница за компост. Пазарчето започнува во 10:30 часот.

To top