Само два дена по назначувањето на Михаела Георгиева Карадимова за заменик-министерка за економија, инвестиции и индустрија во кабинетот на премиерот Румен Радев, нејзиното име стана предмет на интензивни дебати и напади на социјалните мрежи во Бугарија.
Многумина ја фокусираат критиката не врз нејзините професионални квалификации, туку врз нејзиниот изглед, што доведе до лавина од сексистички коментари и говор на омраза.
Георгиева Карадимова, која беше именувана меѓу 18-те заменик-министри во новата влада, брзо привлекува внимание поради својата привлечна појава.
29-годишната Михаела Карадимова која е од градот Добрич предходно била директор во одборот на директори на болницата во Трговиште а била и заменик-директор на болницата во градот Јамбол во 2025 година.
Наместо да се дискутира за нејзините искуства во економијата или плановите за развој на инвестициите, на платформите како Фејсбук, Инстаграм и X (Твитер) се шират коментари со сексуална конотација, обвинувања дека „убавината“ била главниот критериум за нејзиниот избор и различни форми на body-shaming и сексизам.
„Ова е класичен пример на мизаогинија и површно судење. Наместо да се фокусираме на компетенциите на новите членови на владата, дел од јавноста избира да ја нападне жената поради нејзиниот изглед“, изјави за бугарските медиумите политички аналитичар кој сакал да остане анонимен.
Според него, ваквите реакции покажуваат дека дел од општеството сè уште тешко прифаќа жени на високи позиции, особено ако тие не одговараат на традиционалните стереотипи.
Многу корисници на социјалните мрежи ја бранеа Георгиева Карадимова, истакнувајќи дека нејзиниот изглед не треба да биде пречка или причина за дискредитација.
„Дали ако беше помалку привлечна, ќе ја критикуваа помалку или воопшто немаше да се зборува за неа?“, прашуваат некои коментари. Други пак повикуваат на поголема толеранција и фокус врз суштинските прашања – економскиот развој, инвестициите и индустриската политика на Бугарија.
Од кабинетот на премиерот Радев досега нема официјална реакција на овие напади, но експертите за родова еднаквост предупредуваат дека ваков вид говор на омраза може да има сериозни последици врз мотивацијата на жените да се вклучуваат во политиката.
Михаела Георгиева Карадимова допрва треба да ја покаже својата работа на новата позиција. Се очекува нејзиниот прв приоритет да бидат привлекување на странски инвестиции и поддршка на домашната индустрија во услови на економски предизвици во регионот.
Овој случај повторно ја отвора темата за улогата на социјалните мрежи како платформа за токсична култура и потребата од поголема заштита на јавните личности од онлајн-омраза врз основа на пол и изглед.