Македонија

Лани 365 лица биле опфатени со тајно следење и прислушување

Во споредба со претходната година, бројот на случаи во кои биле користени вакви мерки е зголемен за повеќе од една четвртина

Јавните обвинители во текот на минатата година издале наредби за примена на посебни истражни мерки, како што се прислушување на комуникации, следење на лица и тајно снимање во домови и возила, во вкупно 44 нови случаи. Дополнително, вакви мерки биле применувани и во четири предмети започнати во 2024 година, покажува најновиот извештај на обвинителот Ненад Савески за примената на посебните истражни мерки (ПИМ).

Во споредба со претходната година, бројот на случаи во кои биле користени вакви мерки е зголемен за повеќе од една четвртина. Во 2024 година ПИМ биле применети во 35 случаи, додека во 2023 година нивниот број изнесувал 87.

Од вкупно 44 нови случаи, во два иницијатор било Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, додека во останатите предлозите биле поднесени од Министерството за внатрешни работи.

„Од вкупно 44 нови случаи за два иницијатор е самото ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), додека кај другите обвинителства подносител на предлозите за примена е МВР, кој е подносител и во ОЈО ГОКК за другите случаи“, стои во Извештајот кој бил доставен и до Собранието.

Во зависност од сложеноста на предметите и потребата од обезбедување докази, законот дозволува во еден случај да се применуваат повеќе различни мерки за различни лица и кривични дела.

Во текот на годината, посебни истражни мерки биле применети кон 365 лица, од кои три биле со неутврден идентитет, во рамки на 56 кривични предмети. Според извештајот, мерките во најголем дел ги дале очекуваните резултати.

„Во најголемиот број од случаите каде се применувале посебни истражни мерки се произлезени очекуваните резултати кои се претпоставувале при нивното определување… Успешноста на мерката се мери со поведена истрага, поднесено обвинение и добиена осудителна пресуда, што се различни фази на постапката“, стои во документот.

Најчесто користена мерка било следењето и снимањето лица надвор од нивниот дом. Такви наредби биле издадени во 33 случаи и опфатиле 107 лица, од кои едно со неутврден идентитет. Во најголем дел од случаите следењето траело од еден до два месеца, додека во 12 предмети мерката сè уште е активна. Таа била користена за истраги поврзани со убиства, трговија со дрога, перење пари, поткуп, тероризам и трговија со луѓе.

Следењето и снимањето на телефонски и други електронски комуникации било одобрено во 28 случаи, при што биле опфатени 140 лица. Во седум предмети мерката сè уште трае. Најголем дел од прислушувањата биле спроведувани во период од еден до два месеца, но во три случаи траеле шест месеци, а во четири случаи осум месеци.

Овие мерки биле користени за откривање на кривични дела како убиства, неовластено производство и трговија со дрога, перење пари, злоупотреба на службената положба, злосторничко здружување, криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Тајно снимање на домови, простории или возила било спроведено во два случаи. Во еден предмет мерката сè уште е активна, додека во останатите траела од четири до седум месеци. Таа била применувана во истраги за трговија со наркотични дроги, перење пари, злосторничко здружување, тероризам и финансирање тероризам.

Во шест случаи било користено и симулирано давање и примање поткуп, при што биле опфатени 13 лица. Исто така, во шест истраги биле ангажирани лица со прикриен идентитет кои се инфилтрирале во организирани криминални групи со цел собирање информации и докази.

Најголем број посебни истражни мерки применило Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое во текот на годината водело 20 истраги со користење на вакви мерки. Од нив, 18 биле новоотворени предмети, а два продолжени од претходната година. Во овие случаи биле опфатени 335 лица со утврден идентитет во 53 кривични предмети.

На подрачјето на Скопје биле применувани ПИМ во 19 случаи, од кои 16 биле нови, а три продолжени од претходниот период. Со нив биле опфатени 16 лица во три предмети.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола биле евидентирани шест случаи со примена на вакви мерки за седум лица, додека во регионот на Вишото јавно обвинителство Штип биле регистрирани четири случаи кои опфатиле четири лица.

Во извештајниот период, на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар не била применета ниту една посебна истражна мерка.

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Во пресрет на грејната сезона – парно, струја, дрва: Што најмногу го празни џебот?!

Најефикасното, но и најскапо современо решение е топлотна пумпа систем воздух-вода. Оваа инвестиција бара помеѓу 6.500 и 9.000 евра, иако потоа месечната потрошувачка на струја за целата куќа е приближна на трошокот за два инвертер уреди. За домаќинствата кои немаат буџет за вакви системи, поставувањето на три поквалитетни инвертер клими со инвестиција од околу 2.500 евра.

Секоја десетта цигара во ЕУ е нелегална, црниот пазар ја опфаќа и Македонија

Предизвик за европските институции не е само растот на нелегалното производство, туку и неусогласениот начин на кој земјите му се спротивставуваат. Националните системи за контрола и спроведување значително се разликуваат, кривичните дела и казните не се доволно хармонизирани, а и натаму постојат празнини во соработката и размената на информации меѓу надлежните институции.

To top