Во интервју за 360 Степени екс претседателот Стево Пендаровски најавува дека би се реактивирал ако се создаде широка коалиција што ќе може да ја порази власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини“, вели поранешниот претседател на државата во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1
На прашањето зошто ако на власта не ѝ оди добро, како рејтинзите се сè уште во нејзина полза, Пендаровски одговара затоа што опозицијата не е консолидирана.
,,Нема никаква дилема околу тоа. Значи, внимавајте, сите бројки ви кажуваат, вклучително и последните локални избори, дека ВМРО-ДПМНЕ за најкус временски период изгуби најмногу гласови во историјата на парламентарни победници во Македонија”, вели Пендаровски кој на прашањето зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ повторно имаше историски резултат на локалните вели:
,,Само затоа што на другата страна, за жал, опозицијата сè уште се нема, зборувам за целата опозиција, опоравено од изборниот пораз и е еден процес, да бидеме реални, кој не почна 2024 г. туку трае пет-шест години наназад по тешките политички одлуки – северна, СЈО итн”.
Пендаровски апсолутно ја поддржува идејата за голема коалиција затоа што нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја победи ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини. Тој смета дека ова се случува не затоа што е ВМРО многу добра но не кажува директно дека тоа е затоа што СДСМ е многу лоша.
Делот во кој Пендаровски одговара дали би се вратил во политиката:
360°: Кога се зборува за иднината на СДСМ, се спомнува и вашето име. Вие и преку вакви настапи сте политички активен, но од позиција на ексшеф на државата. Има ли амбиција кај вас за реактивирање во политиката?
Пендаровски: Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате или ако е тоа вашето следно прашање, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа.
360°: Ова малку зихерашки звучи – би се активирал ако има шанса да го победиме ВМРО.
Пендаровски: Значи, јас ви велам – јас сам не можам да го победам ВМРО-ДПМНЕ. Никој сам не може да победи владејачка партија. Мора да направите организациска структура и политички субјекти налик на она што беше во 2016 г. во декемвриските избори – значи кога Заев ја предводеше таа коалиција во која имаше невладини, граѓански здруженија, политички партии мали, големи, какви било, помали етнички заедници. Инаку, јас многу би сакал да можам самиот да победам која било владејачка партија, ама не сум толку моќен. Никој не е моќен.
360°: Би се вратиле со каква улога?
Пендаровски: Да придонесам, да бидам дел од една таква коалиција, се разбира.
360°: Имате ли амбиција да бидете лидер на СДСМ?
Пендаровски: Не, не, не – никогаш, затоа што јас сум бил активен политички околу 20 години, секогаш со таа страна од политичката поделба, да ја наречеме, или во тој блок и тоа никогаш не сум го користел.
360°: Се појавија шпекулации, медиумски наводи, дека размислувате да формирате партија. Има ли нешто такво?
Пендаровски: Тоа се традиционални стандардни спинови на владејачката партија – тие не доаѓаат од СДСМ, доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.
360°: Тие беа последица на дел од вашите критики за тоа дека СДСМ не успева да го капитализира лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Пендаровски: Па, еве и сега, после овој дел од нашиот разговор, може да излезат, веројатно ќе излезат – овој стварно мисли дека треба да се направи политичка партија и на таков начин да се враќа во политика.