Македонија

Мицкоски: Со блокадата на Изборниот закон Левица прави само театар за мал број на гласачи, кои им веруваат

Премиерот Христијан Мицкоски се уште го чека предлогот на опозицијата за Изборниот законик, со цел тој да биде донесен, а со тоа државата да ги исполни сите од предвидените 10 реформски чекори кои треба да се завршат до средината на месецов, а се од интерес на граѓаните. Пратениците од владејачкото мнозинство, вели, имаат усогласен став дека ќе се прифати секој предлог на опозицијата со вградени препораки на ОБСЕ-ОДИХР и содржано гласање на дијаспората. Она што го прават од опозициската Левица со Изборниот законик, вели, е театар за нивниот мал број гласачи.

– Од страна на владејачката група на пратеници во Парламентот имаме усогласен став којшто вели: Кажете што сакате, ставете го на хартија, ние ќе го прифатиме. Само да биде содржано гласањето на дијаспората. Една изборна единица? Една изборна единица. Повеќе пари? Повеќе пари. Еве ние ќе намалиме од кај нас, иако сме најголема политичка партија, нека биде за нив. Немаме никаков проблем. Сѐ што мислат дека тие треба да направат, ние ќе го прифатиме. Но, за жал, еве до денеска немаме сѐ уште никаков повратен одговор од страна на опозицијата, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Битола.

Премиерот поојасни дека земјава имала 10 реформи што требало да ги заврши, а биле во грејс период со рок до крајот на јуни, а сега има одредено продолжување до средината на јули. Додаде дека меѓу нив е и Изборниот законик, кој е последниот што треба да биде донесен. – Ние цениме дека начинот на којшто моментално гласа дијаспората, односно иселениците, не соодветствува на вистинскиот капацитет, односно тие не можат да излезат во доволно голем број да го дадат својот глас, да го реализираат своето право. Особено иселениците во Австралија, Канада и останатите прекуокеански земји. Тие треба 10 часа да летаат натаму-наваму за да го остварат своето право. Ние се обидовме да дадеме предлог којшто беше прифатен заедно со сите други измени коишто ги содржат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Завршено беше сѐ, потпишан беше законот. Пратеничката група на Левица не сакаше да го потпише. Велат, „ние се сложуваме со сѐ, фала што ни дадовте повеќе пари. Еве, нема проблем, ќе си ги потрошиме“. Ова што сега го прават нема никаква врска со вистината, рече Мицкоски.

Тој додаде дека она што сега го прават од Левица е театар за мал број гласачи коишто сѐ уште им веруваат. Мицкоски нагласи дека ако вака се однесуваат сега, може да се замисли што ќе се случува доколку тие добијат можност да управуваат со некоја институција. – Велат ние не се потпишуваме со вас, знаете ние сме Робеспјерови следбеници, не можеме со вас. Така, не може. Ако сакате да учествувате, ќе мора и да имате одговорност. И така рековме не може. Потоа настапи втората опозициска партија, СДСМ, па поднесоа илјадници амандмани. Секој си наоѓаше некаква забелешка. Затоа дадовме јасен предлог и кажавме – седнете, договорете се во опозицијата што сакате, како сакате, дајте предлог во којшто ќе е вклучено гласањето на дијаспората и ние бланко го поддржуваме. Сѐ што сакате, ние бланко ќе ви поддржиме. Само дајте да го завршиме ова до 15-ти јули за да може десетте чекори да ни бидат успешно завршени, за да можеме да идеме во следна фаза, рече премиерот.

Тој посочи дека се уште нема усогласен став на опозицијата, иако оттогаш поминале неколку денови. – Кога зборувам усогласен став на опозицијата, тука мислам на СДСМ, Левица, Демократската унија за интеграција и дел од пратениците кои сега како да функционираат во рамките на Парламентот, но еве ќе ги наречам пратениците на Зијадин Села, пратениците на Арбен Таравари, истакна Мицкоски, додавајќи дека тие во моментот се опозиција.

Најнови вести од: Македонија

Колку пари „фрлаат“ Македонците на одмори во Грција?!

Летувањето во Грција и оваа сезона останува најчестиот избор за македонските семејства, особено за оние кои патуваат со автомобил и бараат сместување во Халкидики, Пиерија, Тасос или околината на Солун. Она што е главното прашање е колку пари оставаат македонските туристи во оваа земја. Ако се земе како пример семејство од двајца возрасни и две […]

Вонвременскиот завет на македонскиот војвода Васил Чакаларов: Ако нам ни се стемни, барем на Македонија да ѝ се раздени!

На денешен ден, на 9 јули 1913 година кај леринското село Бел Камен во Егејска Македонија во борба со грчките војници загинува костурскиот војвода Васил Чакаларов, член на Македонската револуционерна организација (МРО). Под негово водство опстојува најголемата ослободена територија во Македонија по Илинденското востание до 27 август 1903 година. Чакаларов и неговата чета биле гонети од страна на грчките сили. На 4 јули 1913 година во Чеган четата била предадена. Тогаш дошло до судир во кој Чакаларов бил полесно повреден, а четата се поделила на два дела. Наредниот ден таа е растурена. Тој повторно бил ранет, но успеал да стигне до планината Вич на 8 јули. Чакаларов бил ранет во градите при борбата со грчки војници на 9 јули во близина на Бел Камен. Тука тој загинал и грчките војници му ја отсекле главата и ја однеле во Лерин, каде што на сиот глас викале: „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија, го уништивме Чакаларов, а со него и сите Чакаларовци!“ Покрај храброста и јунаштвата во неговата револуционерна борба за слободата на Македонија и македонскиот народ, легендарниот македонски војвода Чакаларов ќе остане запаметен и по неговата порака, која е своевиден вонвременски завет за сите македонски поколенија: „Ако нам ни се стемни, барем на Македонија да ѝ се раздени!“

Гаши бара одговори од Тирана: Зошто тројца пратеници од Вреди со дипломатски пасоши биле задржани на Ќафасан?

Претседателот на Собранието Африм Гаши бара одговор од Албанија, а во МНР се очекува да биде повикан албанскиот амбасадор во Македонија, Денион Мејдани, дознава „Слободен печат“ од високи функционери од власта, откако вчера, на пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, им бил забранет влез во Албанија. Од Вреди, партијата чии пратеници еден час биле задржани на граничниот премин Ќафасан, иако имале дипломатски пасоши, информираа дека очекуваат официјална Тирана да објасни зошто се задржани функционерите и дали за нив има забрана за влез во Албанија.

Народниот херој Цветан Димов усмртен од бугарскиот фашистички окупатор со фрлање од прозорец по ѕверски измачувања на денешен ден пред 84 години

На денешен ден, на 9 јули 1942 година во Скопје е усмртен народниот херој Цветан Димов од страна на бугарскиот фашистички окупатор. По неколкудневни тешки измачувања и ѕверски тепања, бил фрлен од прозорец од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа. Цветан Димов, познат меѓу народот како Целе Чаирчанец, (Скопје, 5 март 1910 [1] – Скопје, 9 јули 1942 ) е македонски комунист, синдикалец, и учесник во НОБ. Заедно со Орце Николов бил еден од најистакнатите организатори на работничкото и комунистичкото движење во Скопје меѓу двете светски војни. По ослободувањето, на 26 јули 1945 година, е прогласен како народен херој на Југославија, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување заедно со Орце Николов, Стеван Наумов – Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу.

To top