Просечната оценка од полагањето матура во јуни е 3,66 од сите три типа матура.
Два месеца по полагањето на првиот од двата екстерни испити, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска на прес-конференција денеска ги соопштија резултатите кои се конечни и по поднесени и разгледани приговори.
Новина оваа година беше што матурантите полагаа три типа матурски испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Просечната оценка за државна матура е 3,62, за стручна 3,91 и за уметничка 3,59. Министерката Јаневска изјави дека е задоволна од просекот кој е речиси задржан од лани, кога беше 3,69, за разлика, рече, од 2024 кога беше 3,26.
„Ценам дека ова се објективни резултати поради подготвеноста на сите вклучени во организирањето на матурата“, оцени Јаневска.
За секој испит (предмет) од типовите матура беа изработени посебни испитни програми врз основа на кои беа изготвени испитните прашања, а се темелеа на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование.