Регион

Радев: Во Втората светска војна Бугарија ја спаси целата своја еврејска заедница од ужасите на нацистичките логори!

Бугарија има долга традиција на етничка и верска толеранција, а нејзините институции категорично ги осудуваат манифестациите на говор на омраза, ксенофобија, расизам и антисемитизам, порача бугарскиот премиер Румен Радев како одговор на новинарско прашање за инцидентот во Банско со група млади Евреи од Италија. Инцидентот се случил во познатото бугарско одморалиште на 2 август, додека во градот се одвивал големиот џез фестивал.

Според Радев, бугарскиот народ со векови ја докажува својата толеранција. „Бугарскиот народ категорично ја докажа низ вековите својата толеранција кон различните етникуми и религии. За време на Втората светска војна, Бугарија ја спаси целата своја еврејска заедница од ужасите на нацистичките концентрациони логори и ѝ даде морална лекција на цела Европа што не треба да ја заборавиме. Во традициите на нашите институции и нашето општество е да не прифаќаме никакви манифестации на ксенофобија, расизам и антисемитизам и секогаш да реагираме“, порача Радев.

Тој се огласи со критика кон странските политичари што веднаш ја осудија Бугарија, напоменувајќи дека неправилно ги согледале фактите. „Како и во случајот од вчера, ние реагиравме, го осудивме јазикот на омразата. Но, сакам да ги повикам странските политичари кои брзо ја осудија Бугарија поради вербалниот судир меѓу групи млади во Банско, да се запознаат со фактите пред да коментираат за нашата земја,“ порача бугарскиот премиер.

Обвинувања и за едната и за другата страна

Скандал меѓу млади од Бугарија и млади Евреи од Италија предизвика сериозна меѓународна реакција. Инцидентот се случил на 2 август доцна вечерта во Банско, известува Бугарската национална телевизија (БНТ). Според младите Италијанци од еврејско потекло, кон нив биле извикувани нацистички слогани и им биле упатувани закани. Според полицијата и менаџментот на хотелот, гостите ги провоцирале минувачите и се однесувале непристојно.


Младите Евреи престојувале во хотел во Банско. Избувнала вербална расправија помеѓу тинејџерите и група бугарски младинци што минувале покрај хотелот. Едно од децата во хотелот за италијанското издание „Кориере дела Сера“ изјавило: „Не знам зошто бевме цел, можеби нè виделе како шетаме низ Банско овие денови со јармулки на главите, па сигурно сфатиле дека сме Евреи.“

Локалните власти и сведоците не гледаат сериозен инцидент

Според сведоците, расправијата траела околу еден час. „Мислам дека беше доцна навечер, откако заврши џезот, и имаше некои врескања, некои викања, но во рок од половина час сè стивна,“, објаснува Лазар Улевинов. Полицијата во Банско извести дека групата што престојувала во хотелот провоцирала неколку пати за време на престојот, при што младите луѓе се качувале на прозорците, фрлале предмети кон минувачите и предизвикале штета во вредност од речиси 15.000 евра на хотелот.

„Може да се претпостави дека групата што била во хотелот ги провоцирала граѓаните што минувале пред хотелот. Во текот на овие две седмици, неколку пати добивме пријави за нивното непристојно однесување. Непристојното однесување се изразува во фактот дека во 23 часот тие прават премногу бучава, ги вознемируваат другите, фрлаат разни предмети од терасите и низ прозорците, за БНТ вели инспектор Христијан Пармаков, началник на Полициската управа во Банско.

Според Асен Левов, менаџерот на хотелот, групата била преголема и организаторите не можеле да се справат со неа. „Имаше повеќе инциденти кога моравме да ја повикаме полицијата за да ја совладаме групата“, објаснува тој. Инцидентот и снимките што беа споделени на социјалните мрежи, во кои може да се слушнат нацистички апели, предизвикаа меѓународен скандал. Клиповите останаа со звукот само од нацистичките слогани, нагласува БНТ.

Италијанскиот министер за надворешни работи реагираше дека ова е уште еден чин на антисемитизам. Според него, ова е форма на омраза и дискриминација што мора да се искорени. Градоначалникот на Банско коментира дека овој случај не може да се нарече антисемитски скандал. „Младински расправии. Добредојдени се претставниците на Италија во Банско. Имаме уште пет дена фестивал. Заедно можеме да почувствуваме каква е атмосферата. Не сакам да зборувам конкретно за заедниците, бидејќи има многу заедници во Банско. Нека институциите и властите си ја работат својата работа. Јас го направив моето истражување. И затоа, како градоначалник на Банско, ви велам дека немаме ситуација што би ескалирала на овој начин, што заслужува повеќе внимание од она што веќе е дадено“, за БНТ вели Стојчо Баненски, градоначалникот на Банско.

Од туристичката организација на Банско веруваат дека инцидентот нема да влијае на туризмот во градот и Бугарија, „бидејќи обвинувањата за расизам се неосновани“. Пред бугарскиот премиер Радев, вчера и бугарското министерство за надворешни работи порача дека Бугарија безусловно ги осудува сите форми на антисемитизам и ги дефинира дејствијата како неприфатливи и немаат место во демократско општество.

Најнови вести од: Регион

To top