Пеколна ноќ кај тетовското планинско село Церово: Пожарникарите цела ноќ во битка со огнената стихија
Тетовските противпожарни екипи во текот ноќта водеа битка за локализирање на пожарот кај селото Церово во селската општина Желино, во тетовскиот регион. Церово се наоѓа на западните падини на Сува Гора, на надморска височина од 780 метри. Раководните лица на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Тетово беа на теренот и директно ја координираа состојбата со пожарот, за да се спречи негово натамошно ширење кон околината.
1 минута за читање
Екипите на ТППЕ Тетово беа распоредени на критичните точки околу селото Церово. Противпожарните единици интервенираа директно на теренот, за да го запрат напредувањето на огнот и да го стават под целосна контрола во најкус можен рок. Раководните лица на ЦУК и тетовската противпожарна бригада продолжуваат да ја следат состојбата на терен за навремена реакција, ако има промена на условите.
Центарот за управување со кризи упати директен повик до граѓаните за зголемена претпазливост при движење и престој на отворено. Одговорното однесување во природата е од клучно значење за спречување нови пожари во овој период.