Македонија

Мицкоски: Силна поддршка за Трамп и неговата администрација

Поддршката во Македонија повисока од каде било во Европа

Македонија силно ги поддржува американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација и сака стратешкиот дијалог со Вашингтон да се претвори во конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во ексклузивно интервју за „Брајтбарт њуз“ (Breitbart News).

Мицкоски нагласи дека поддршката за Трамп од страна на македонската Влада започнала уште пред тој повторно да биде избран. Македонија, според него, била меѓу првите европски земји што воспоставиле контакт со тимот на Трамп уште во текот на изборната кампања во 2024 година. Веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, во Скопје бил примен тим соработници на Трамп. По изборот, владина делегација присуствувала на инаугурацијата во Вашингтон.

– Дури и пред да стане претседател на Соединетите Американски Држави, некои од луѓето кои се дел од неговиот најблизок периметар нè посетија и за време на кампањата кога немаше премногу европски нации кои веруваа дека Трамп ќе стане претседател. Бевме избрани како влада во јуни 2024 година. Веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, тим од соработници на претседателот Трамп нè посети во владата и практично во тоа време бевме единствената влада што ги прими членовите на тимот на претседателот Трамп. Меѓу нив беа секретарот за трговија Хауард Лутник, Девин Нунес, поранешен член на Конгресот, и Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, кој има македонско потекло. Тие нè посетија во владата, а ние пренесовме силна порака за поддршка на Трамп пред да стане претседател. Потоа, кога беше избран за претседател, бев поканет на церемонијата на инаугурација и делегација од македонската влада го посети Вашингтон во тоа време, па ја пренесовме нашата порака за поддршка и подготвеност за зголемување на идната соработка, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека поддршката за Трамп во Македонија е многу висока – повисока од каде било во Европа – и дека со задоволство би го пречекал претседателот доколку распоредот му дозволи.

– Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани. Кога ќе има слободен временски термин во својот распоред, ние ќе бидеме многу задоволни да го угостиме доколку одлучи да го посети регионот, бидејќи, како што реков, како не толку многу сојузници во Европа, ние сме земја која без сомнение дава поддршка кога станува збор за администрацијата на претседателот Трамп. Дури и многу поодамна, и пред тој официјално да стане претседател, кога немаше премногу земји во Европа кои веруваа дека тој ќе ја победи Камала Харис за време на претседателската трка, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала позициите на САД во Обединетите нации, вклучително и за прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба, и не се воздржувала ниту кога тоа можело да има политичка цена.

– Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници за практично да заземат ставови, мојата земја не се криеше во толпата, изјави Мицкоски.

Тој ја истакна и соработката со Ричард Гренел и со американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, особено во енергетиката и можностите за американски извоз на течен природен гас во регионот.

– Ние сме клучна точка на американските интереси на Балканот и сме силен столб на поддршка на американските интереси на Балканот. Значи, практично, без сомнение, стоиме покрај нашите стратешки партнери, политиката на Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп и силно ги поддржуваме, истакнува Мицкоски.

Мицкоски најави дека Македонија била меѓу првите земји што започнале разговори со администрацијата на Трамп по воведувањето на американските царини и дека е постигната билатерална спогодба за нулта царинска стапка. Македонија би имала нула царини за извоз на свои производи во САД, а истовремено би применувала нулта стапка за одредени американски производи. Очекува договорот официјално да биде потпишан за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

– Имаме нула царини кога станува збор за извоз на македонски производи во Соединетите Американски Држави. Значи, практично, повеќе или помалку, имаме заедничка основа и мислам дека наскоро, веројатно има можност сега за време на Генералното собрание на ОН да имаме официјален состанок, или во Белата куќа или каде било, за да го потпишеме овој билатерален договор меѓу двете земји. Затоа мислам дека ова ќе додаде вредност на односите меѓу двете земји, вели Мицкоски.

Според него, таквиот договор би го олеснил американскиот извоз и би привлекол повеќе американски инвеститори не само во Македонија, туку и пошироко во регионот.

– Бидејќи патувам на Генералното собрание на ОН оваа година, можеби ќе биде добра можност да го потпишеме овој билатерален договор или во Белата куќа или во Стејт департментот, што и да функционира. За нас е многу важно, а мислам дека и за Соединетите Американски Држави е многу важно затоа што преку нас, со зголемување на нашата економска соработка, ова ќе ја зголеми и билатералната соработка. Нашата билатерална соработка е на највисоко ниво досега, историски гледано. Но, со потпишувањето на овој билатерален договор, сè ќе биде многу полесно за двете земји. Значи, Соединетите Држави имаат многу силен сојузник на Балканот. Знам дека тие многу го ценат она што го правиме за нашето партнерство. Но, со овој билатерален договор, ќе ги направиме нашите билатерални партнерства многу посилни и многу поизводливи во однос на економската соработка во иднина, а тоа ќе ги отвори портите за американскиот извоз и инвеститори да имаат многу поамбициозна и многу позначајна улога не само на Балканот, туку и во Европа воопшто, изјави Мицкоски.

Тој изрази надеж дека за време на престојот во САД ќе има средба со претседателот Трамп и дека ќе се потпишат повеќе договори. Суштината на стратешкиот дијалог, според него, е развојот на односите не само политички и безбедносно, туку и преку конкретни економски проекти, инвестиции и инфраструктурна соработка.

Најнови вести од: Македонија

To top