Скопскиот адвокат Умејр Мухамеди посочува четири судијки и еден оперативец на АНБ како дел од групата на судијата кому во ѕидот од куќа му беа најдени 350 илјади евра, Ѓоко Ристов.
Мухамеди бара Јавното обвинителство сериозно да го разгледа предметот со Ѓоко Ристов, бидејќи смета дека постојат сомнежи дека тој не дејствувал сам, туку бил дел од поширока мрежа во која биле вклучени и други судии со кои со години соработувал.
Мухамеди ги кажува имињата на судиите и вработениот во АНБ кои expres.mk ги објавува со иницијали за да се испочитува институтот презумпција на невиност.
,,Се споменуваат Л. Е., Б. Ј., Л. З. и Г. Г. Постои сомнеж дека овие судии со години соработувале, наместувале предмети и земале пари. Според информациите што кружат, Ѓоко Ристов парите ги чувал во готовина и ги сокрил во ѕид, додека другите наводно користеле криптовалути и менувачници за прикривање на парите.
Во тој контекст се споменува и Б. А, сопруг на Л. Е. и вработен во АНБ, за кого постојат наводи дека бил посредник при конвертирање на готовина во криптовалути и земал процент од тие трансакции. Се поставува и прашањето дали тој можеби имал улога во заштитата на лицата и нивното отстранување од одредени мерки со цел да се прикријат доказите”, објавува Мухамеди кој смета дека затоа, Јавното обвинителство треба да го прошири разгледувањето на предметот и да провери дали постои поврзаност меѓу овие лица, финансиските текови, наместените предмети и евентуалното прикривање на доказите.