
„На 1 август 1947 година во Блед, во Словенија е потпишан Договорот за пријателство и соработка меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија. Овој договор е произлезен по преговорите меѓу Јосип Броз Тито и Георги Димитров во Блед на 30 и 31 јули и 1 август 1947 година и оттука постои и називот „Бледски спогодби“ Тито – Димитров, или скратено „Бледски договор“. Со него Бугарија тогаш ги признала постоењето на македонскиот народ и неговиот засебен македонски јазик и засебна македонска национална историјa, како различни од етничките карактеристики, јазикот и историјата на бугарскиот народ.
„Македонија била тогаш застапувана во надворешната политика од сојузната, федерална власт. Оттука „Бледскиот договор“ со Бугарија бил потпишан и во името на Македонија. Обврските, кои ги имала преземено Бугарија кон Југославија, во иста и полна мера се однесувале и кон Македонија.“ – се наведува во една статија на „Македонска нација“.
Во статијата натаму се истакнува: „Што содржи „Бледскиот договор“, кој е одговор на сите денешни спорови, кои ги отвора Бугарија кон Македонија? (1) Со договорот Бугарија признава дека била окупатор и се задолжува да плати тогашни 25 милиони долари воена оштета. Тито прифаќа да ѝ прости на Бугарија 25 милиони долари за воена отштета кон Југославија, како добра волја за правата на Македонците во Бугарија. (2) Бугарија го признава официјално постоењето на македонскиот народ и на македонски јазик, како и постоењето на Македонците во Пиринска Македонија. Ним им дава културна автономија, односно на Пиринска Македонија, со согласност Пиринска Македонија да се обедини со Вардарска Македонија во рамки на една поширока југословенско-бугарска балканска федерација.“
Сведоштво на јазичарот Круме Кепески: Во Пиринска Македонија пулсираше македонското чувство!
Граматичарот и лингвист Куме Кепески во своја статија, објавена за весникот „Вечер“ на 19 декември 1975 година изнесува автентично сведоштво како е изведувана наставата по македонски јазик во Пиринска Македонија по потпишувањето на „Бледскиот договор“ и воопшто каков бил односот кон Македонија и македонскиот народ. Пренесуваме само некои од поважните делови од оваа статија на Круме Кепески.
„Летото 1947 година со специјален закон, изгласан во Великото народно собрание на НР Бугарија, во училиштата во Пиринска Македонија се воведоа како училишни предмети македонскиот литературен јазик и македонската национална историја. Во истата година, по барање на НР Бугарија заминаа голем број културни и просветни работници од НР Македонија, за да ја започнат реализацијата на културно-националната автономија во Пиринска Македонија. Во есента 1947/48 година, или поточно во почетокот на месец ноември, бев вклучен како професор во Учителскиот институт во Горна Џумаја, (Благоевград). Во таа учебна година, според спогодбата на НР Бугарија и ФНР Југославија, а по барање на бугарската влада, во сите градови и поголем број пирински села беа назначени учители – професори од НР Македонија, кои предаваа македонски јазик во основните училишта и гимназиите. Населението од Пиринска Македонија не прими со радост и задоволство.“
„Јас предавав македонски јазик во Учителскиот институт, во кој студираа студенти, кои во текот на двегодишните студии се подготвуваа за учители во основните училишта во Пиринска Македонија. Во Институтот беа запишани свршени матуранти од Пиринска Македонија, а нивниот број изнесуваше околу 80. Предавав македонски јазик. Се учеше факултативно, покрај бугарскиот јазик, на кој се предаваа другите предмети. Студентите, родум од Пиринска Македонија, со ентузијазам го учеа македонскиот јазик, иако тој беше факултативен.“
„Во Горна Џумаја беше основан и работеше Македонскиот народен театар. Во него работеа заеднички артисти од Пиринска Македонија и НР Македонија, а беа раководени од истакнатите драмски уметници Илија Милчин и Крум Стојанов. Тука се подготвуваа пиеси од македонски, како и светски автори како на пример ‘Печалбари’ од Антон Панов. Овој театар не само што прикажуваше пиеси на македонски јазик во Горна Џумаја, туку патуваше и даваше претстави и во другите градови и поголеми села во Пиринска Македонија. Во зградата на Македонскиот театар, исто така, се приредуваа претстави и со друга просветно-културна програма. На тие приредби се пееја македонски народни песни, се рецитираа стихови од македонски современи автори како што беа Славко Јаневски, Блаже Конески, Ванчо Николески, Ацо Шопов и др. Претставите обично завршуваа со македонски народни ора.“
Гостување на писатели
„Во учебната 1947/48 година, во Горна Џумаја се одвиваа голем број културно-просветни манифестации. Така, заради запознавање на Пиринска Македонија, тогаш дојдоа на екскурзија во овој град студенти од група географија од скопскиот Филозофски факултет. Во текот на 1948 година, во Горна Џумаја за студентите од скопскиот Филозофски факултет организираше и заедничка веселба на која се пееја македонски народни песни и пулсираше македонското чувство. Летото 1948 година се прекрати овој развој на полето на културата и просветата на македонски јазик во Пиринска Македонија.“ – има напишано, покрај другото, Круме Кепески во таа статија во1975 година.
По судирот на СССР и Сталин со Тито и Југославија во 1948 година Бугарија на 1 октомври 1949 година еднострано го раскинува „Бледскиот договор“, само не оној дел, во кој Југославија ѝ простува 25 милиони долари, што требаше да ги плати како воена репарација од окупацијата на Македонија. Раскинувајќи го „Бледскиот договор“, Бугарија ги поништува целосно правата, што им ги призна и им ги даде на Македонците во Пиринска Македонија.
Македонија треба веднаш да прекине секакви преговори за историјата со Бугарија и да бара да ги почитува потпишаните документи од 1947 година
Професорот по историја д-р Александар Атанасовски вчера на својот фејсбук профил ја сподели следнава објава: „ Бугарија се откажала од цар Самоил уште во 1947 година. Уште во 1947 година историски комисии помеѓу Македонија и Бугарија ги уредиле бугарските погледи на македонската историја. Тогаш се објавени документи за исправки на историските читанки во Бугарија. Во документите стои дека промените се со цел да се спречи великобугарскиот шовинизам и се однесуваат на различни историски периоди. Во еден од документите стои дека Самоиловата држава не е западнобугарска држава, туку типична феудална држава во која доминантно население се македонските Словени. Во бугарската историја треба да ја пишува вистината дека Климент и Наум се сесловенски просветители, а Кнежеството на Пребонд е првиот обид на македонските Словени да создадат независна држава, а дека браќата Миладиновци се македонски просветители. Денес Бугарија не го почитува потпишаното од 1947 година.“
Зошто Македонија во моментов преговара за сопствената историја и за работи, кои биле дефинирани и договорени?“
„Со Договорот од Блед Бугарија се залага да ги осигура правата на Македонците во Пиринска Македонија (денес Бугарија) во слободен национален, економски и културен развој и воопшто односите на Бугарија спрема Македонија. Нека биде овој документ пример како треба да биде претставена вистинската историја пред 1945, која дефинитивно не е бугарска. Македонија треба веднаш да прекине секакви преговори за историјата со Бугарија и да бара бугарската страна да ги почитува потпишаните документи од 1947 година.“ – се нагласува во објавата на фејсбук, што ја сподели македонскиот историчар Атанасовски.