Бугарија потпиша меѓународен „Бледски договор“ во 1947 и го раскина еднострано во 1949, а сега бара примена на Вториот протокол – неусвоен записник и промена на устав!
По преговорите на 30 и 31 јули 1947 година претседателот на Југославија Јосип Броз Тито и премиерот на Бугарија Георги Димитров потпишуваат на 1 август 1947 година меѓудржавен договор познат како „Бледски договор“. Тој има исклучително значење за македонскиот народ, бидејќи е прво официјално државно признавање на македонскиот национален идентитет и јазик од страна на Бугарија. „Бледскиот договор“ меѓу двете држави има карактер на меѓународен договор и претставува меѓународно-правен пример, кој докажува дека историските спорови меѓу двете земји веќе биле решени во согласност со Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации. Но, на 1 октомври 1949 година бугарската влада еднострано го раскинала „Бледскиот договор“. Денес се случува парадокс и апсурд, обединето во едно. Бугарија се откажала, поради свои национални интереси, од еден меѓународен договор со тогашна Југославија, која ги претставувала во полна мера и Македонија и македонскиот народ народ со неговите национални интереси. А денес Бугарија бара од Македонија целосно да го спроведува Вториот протокол кон „Добрососедскиот договор“ – протокол кој претставува најобичен технички документ, односно записник, кој не е ниту усвоен во Собранието на Македонија, па затоа не содржи обврска за негово спроведување. Бугарија раскинала еднострано меѓународен договор, а денес инсистира на спроведување технички документ, кој нема врска со меѓународен договор, иако ЕУ му дала „европски печат“, вметнувајќи го во Преговарачката рамка со сите во него протнати обврски за промена на устав и за „Бугари во устав“, за промена на учебници, споменици, за целосна бугаризација на сѐ што е македонско! Од аспект на меѓународното право, „Бледскиот договор“ воопшто не е „прелиминарен“ договор без никакво значење, туку претставува правно – специфичен, историски и политички важен документ, формално потпишан од Јосип Броз Тито во име на Југославија, која ја застапуваше полноважно Македонија, и од Георги Димитров во име на Бугарија.