Во Народната канцеларија во Скопје, остварив средби со граѓани кои пројавиле интерес директно да споделат со мене и со Кабинетот лични проблеми, но и успеси, да изразат критички поглед кон определени појави, институции и односи, но и пофалба и поддршка, да презентираат идеи и иницијативи за решавање на воочените институционални недоследности и аномалии, или за доградба и усовршување на добрите состојби.

Ова го објави Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која денеска се сретнала со граѓани во Народната канцеларија.

,,Дел од посетителите ми укажаа на тешкотиите и неправдите при обидите за вработување, за примерите на потценување на стручноста и компетентноста и преценување на фамилијарната, политичката и партиската припадност, други, на соочување со занемарување на посебните потреби на лицата со попреченост и недоволната грижа за нив, како и за нивна исклученост од процесите на одлучување, трети, на честата незаинтересираност на државната и локалните власти за користење на нивното докажано знаење надвор”, порача Сиљановска-Давкова која откако со соработниците ги ислушала граѓаните, го поздравила нивното доаѓање, ги запознала со претседателските надлежности, како и со улогата на Кабинетот во информирањето на надлежните органи за добиените предлози, идеи и иницијативи, како и во доставувањето на граѓанските претставки до нив.

Претседателката со граѓаните ги споделила своите ставови и видувања за поставените прашања и можните решенија на истите.
