Од Кривичниот суд информираат дека казната на Стафа треба да истече во март 2027 година. Судот му одобрил условен отпуст во траење од еден месец, со можност да биде пуштен на слобода од 1 февруари, но осудениот ја обжалил одлуката. Предметот е доставен до Апелацискиот суд на 24 септември.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа и за повеќе други тековни предмети. Во предметот „Крмзов“ се изведуваат економско и графолошко вештачење, односно се сослушуваат вештите лица. По завршувањето на доказите предложени од Обвинителството, ќе следуваат доказите на обвинетите. Предметот „Титаник“, кој е меѓу постарите случаи за кои сè уште нема правосилна пресуда, се наоѓа во фаза на изведување докази, односно сослушување сведоци на одбраната.
За предметот против Трифун Костовски и други, од Судот информираат дека Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвинение, кое автоматски било распределено во Специјализираното одделение. Таму било оценето дека одделението не е стварно надлежно за предметот. По правосилноста на решението, тој ќе биде распореден во Одделението за кривично полнолетни.
Како причина е наведено тоа што обвинението се однесува на кривичните дела „предизвикување стечај на банки“ и „несовесно работење во службата“, кои не спаѓаат во надлежноста на Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција. Во предметот „Беланоца“ останува да бидат сослушани уште двајца сведоци на Обвинителството, по што ќе продолжи изведувањето на доказите на одбраната.
Случајот „Онкологија 2“ се наоѓа во фаза на изведување докази на одбраната, односно на доказите предложени од првообвинетиот.