– И од денес сметам дека веќе ја прокоцкаа и последната шанса аргументирано да говорат и критикуваат дека некој ги забавува реформите, односно реформскиот процес. Изборниот законик е дел од реформскиот процес. Нивното место е тука, доколку останало нешто од онаа државотворност со која сакаат оваа група луѓе да се пофали во своето делување. Местото им е тука. Се надевам дека овој пат, втората шанса, ќе дебатираме и ќе најдеме консензус, затоа што тоа ќе биде државнички. Околу роковите некој праша. До 31 декември повторно Македонија ќе биде оценувана и проценувана дали има капацитет да спроведува реформи – рече Бендевска.
Таа потсети дека до 30 јули требаше да се донесат десетте законски решенија, од кои девет беа донесени.
– Ова беше решение кое не успеавме да го донесеме, само затоа што СДСМ отсуствуваше, и покрај сите договорени промени. Значи, во промените ги вклучивме само консензуалните договорените промени, за да избегнеме можност една група да даде безброј амандмани и да го блокира процесот – рече Бендевска.
Таа рече дека процесот заслужува шанса, но доколку отсуствува макар и една политичка опција која е застапена во Парламентот, не гледа смисла и логика. (МИА)