Македонија

СДСМ зажали што ја покани претседателката на собраниската Надзорна расправа за Алта Банка

Претседателката Сиљановска-Давкова на надзорната расправа за Алта банка: „Дојдов заради граѓаните и почитта кон институцијата”

Откако СДСМ побара одговорност и од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за случајот Алта Банка таа се појави на Надзорната расправа организирана во Собранието на барање на СДСМ кој ја дава и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Луларевска.

Претседателката иако не мора да се појави на ваква расправа одговараше на повеќе поставени прашања, а главното беше дали имала политички притисок за поставувањето на Трајко Славески на гувернерската позиција и дали сега чувствува одговорност, по случувањата со Алта банка.

За обвинувањата од СДСМ дека била дел од некаква тријада поврзана со Алта Банка рече дека се работи за бизарна дилема која е навредлива.

Одговорајќи на прашањето на пратеничката на НСДП Мираковска, претседателката рече во правото тоа би го нарекле промашување на предметот на расправата.

Претседателката на Републиката Гордана Сиљановска-Давкова на собраниската надзорна расправа за Алта банка АД Битола образложи зошто не учествувала на првата седница и зошто дошла сега.

„Најнапред, сакам да Ве информирам дека на 11 ноември, кога се одржа првата седница, јас бев во Анталија, на COP31, настан за кој моето учество беше утврдено уште минатата година. Значи, не стануваше збор за избегнување на расправата. Второ, денес дојдов пред сè поради граѓаните, но и поради почитта кон оваа институција“, рече Сиљановска-Давкова на почетокот на своето обраќање.

Таа се осврна и на институционалните граници, потсетувајќи на претходна надзорна расправа за случајот „Евростандард“, кога не биле поканети ниту претседателот, ниту премиерот. Посочи дека во поканата што ја добила стои формулацијата „другите државни органи“, што според неа е необично со оглед на уставната положба на претседателот.

„Во членот 85 став 2 од Уставот е предвидено дека Собранието може да побара од претседателот мислење за прашање од неговата надлежност. Искрено, не сум сигурна дека ова прашање, во оваа фаза, е прашање од мојата надлежност. Би била овде со сигурност кога би се работело за избор на гувернер врз основа на мој предлог, или доколку би се водела постапка за негово разрешување“, нагласи претседателката.

Сиљановска-Давкова посебно укажа на независноста на Народната банка, гарантирана со Уставот и Законот, и истакна дека претседателот нема надлежност во издавање или одземање дозволи, супервизија или воведување администрација во банка. Во однос на предлогот за гувернер Трајко Славески, објасни дека ги почитувала законските критериуми и се консултирала со експерти, поранешни гувернери и професори.

„Не само што кандидатот Трајко Славески ги исполнува законските услови, туку станува збор за професор со четириесетгодишно искуство. Мојот избор се темелеше на знаењето, искуството, стручноста и компетентноста. Мене легитимитетот не ми извира од парламентот. Ми извира од граѓаните. Добив повеќе од 560 илјади гласови“, рече таа, отфрлајќи ги инсинуациите за политички притисоци или конструкции поврзани со странски фактори како „бизарни и навредливи“.

Претседателката предупреди и против мешање на надзорната расправа со институтот интерпелација, оценувајќи го тоа како проблематично од уставно-правен аспект. На крајот апелираше за одговорна дебата:

„Дојдов, значи, со намера да објаснам доколку можам и да помогнам доколку можам во расветлувањето на овој случај. Целта треба да биде да се зачува или да се врати довербата. Довербата во институциите. Довербата во банкарскиот систем. Најголемиот бенефит од тоа не треба да го има ниту една политичка страна. Треба да го имаат граѓаните.“

Расправата, иницирана од СДСМ, продолжува во атмосфера на меѓусебни политички обвинувања околу одговорноста за влезот и работењето на Алта банка, додека властите уверуваат дека депозитите на граѓаните се заштитени.

Целото обраќање на претседателката (направено со помош на алатки за АИ)

Најнапред, сакам да Ве информирам дека на 11 ноември, кога се одржа првата седница, јас бев во Анталија, на COP31, настан за кој моето учество беше утврдено уште минатата година. Значи, не стануваше збор за избегнување на расправата.

Второ, денес дојдов пред сè поради граѓаните, но и поради почитта кон оваа институција. Зошто го кажувам тоа? Затоа што конвенциите, парламентарните обичаи и воспоставената институционална практика се важни нешта во еден парламент.

Се сетив дека во оваа сала присуствував и на една друга надзорна расправа, поврзана со случајот „Евростандард“. Тогаш не беше поканет ниту претседателот, ниту премиерот, иако во случајот директно беше инволвирана министерка. Не го кажувам ова за да правам споредба, туку за да укажам дека треба да бидеме внимателни кога ги утврдуваме институционалните граници и начинот на кој ги повикуваме носителите на јавни функции.

Уште нешто сакам да посочам. Во поканата што ја добив стои: „Во прилог Ви се доставува листата на претставници сведоци од Владата на Републиката и другите државни органи“. Претседателе, токму изразот „другите државни органи“ го отвора моето прашање. Малку е необична таквата формулација, особено ако се има предвид уставната положба на претседателот.

Моето место е овде и затоа сум овде. Но, морам да кажам и нешто друго. Во членот 85 став 2 од Уставот е предвидено дека Собранието може да побара од претседателот мислење за прашање од неговата надлежност. Искрено, не сум сигурна дека ова прашање, во оваа фаза, е прашање од мојата надлежност.

Би била овде со сигурност кога би се работело за избор на гувернер врз основа на мој предлог, или доколку би се водела постапка за негово разрешување во рамките на моите уставни овластувања.

Но, Народната банка е една од најзначајните институции во државата. Не случајно нејзината положба е уставна материја. Финансиската стабилност и сигурност се од исклучително значење, а моите мисли во овој период, пред сè, се со граѓаните кои се засегнати од овој случај.

Се сетив на приказната со „Евростандард“. И си велам: сигурно од тој случај има научена лекција. Институциите постојат токму за да извлекуваат поуки од грешките и да создаваат механизми со кои ќе се спречи нивното повторување.

Ќе бидам многу кусa.

Низ призмата на уставното право, крајно невообичаено е, а според мене и проблематично, во текот на една надзорна расправа да се отвори прашањето на интерпелација. Интерпелацијата е инструмент на парламентарна контрола чија уставна логика е врзана пред сè со политичката одговорност на Владата и министрите.

Затоа, надзорната расправа и интерпелацијата не би требало да се претвораат во една иста постапка. Тоа се различни институти, со различна правна природа, различна цел и различни последици.

А јас, како професор по уставно право, морам одговорно да укажам и на нешто што одамна го сметам за слабост во нашиот уставен модел: начинот на кој е поставена интерпелацијата за носители на јавни функции. Не секоја јавна функција е политички одговорна на ист начин, ниту секој носител на јавна функција може да биде ставен во ист уставен механизам на политичка контрола.

Но, денес не сум овде за да држам лекција по уставно право.

Овде сум заради институциите, заради граѓаните и заради одговорноста што ја носи секоја од функциите што ја имаме.

Подготвена сум да одговорам на Вашите прашања.

Ќе се обидам да одговорам на прашањето на госпоѓата Мираковска, пратеничката, но имам еден проблем. Во правото тоа би го нарекле промашување на предметот на расправата.

Денешната тема е: причините за воведување администрација во „Алта банка“ АД Скопје, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност. Не е разрешување, ниту барање за разрешување на гувернерот на Народната банка.

Затоа, кога ми поставувате дилема за некаква тријада Вучиќ – евентуално Силјановска – Мицкоски, можам само да кажам: тоа е бизарна дилема. И, ќе си дозволам да кажам, навредлива.

Ќе образложам зошто сум се раководела така како што сум се раководела, а бидејќи прашањата Ви се поврзани, ќе почнам од мојата надлежност и потоа ќе се осврнам на останатите дилеми.

Најнапред, Уставот ја гарантира самостојноста на Народната банка во членот 60, додека Законот за Народната банка ја утврдува и гарантира нејзината независност.

Пратеничката Мираковска самата потенцираше дека независноста значи дека Народната банка и членовите на нејзиниот Совет не смеат да примаат инструкции од органите на државната власт или од други субјекти, вклучително, се разбира, и од мене.

Одлуките на Народната банка не смеат да бидат одобрувани, изменувани, поништувани или прекинувани од други субјекти. Тоа е суштината на членот 5 од Законот.

И тука доаѓаме до прашањето: која е мојата законска надлежност во банкарскиот систем?

Јас немам надлежност да одлучувам ниту за издавање или одземање дозволи, ниту за давање или повлекување согласности, ниту за банкарска супервизија, ниту за супервизорски мерки, ниту за воведување администрација во банка.

Тоа се прашања што се во надлежност на органите на Народната банка, во рамките на законски определените овластувања.

Конкретно во случајот поради кој сум поканета, ниту мојата надлежност, ниту надлежноста на Кабинетот не се дел од каква било постапка поврзана со банкарскиот систем, затоа што такво овластување не произлегува ниту од Уставот, ниту од Законот за Народната банка.

Одлуките за кои денес зборуваме ги носат надлежните органи врз основа на закон, професионални стандарди и утврдени факти. Тоа е суштината на институционалната независност. Но независноста, се разбира, не значи и неодговорност. Народната банка е независна во одлучувањето, но е должна да постапува законито и да одговара за остварувањето на своите законски цели и задачи.

Околу прашањето за предлагањето.

Членот 49 од Законот за Народната банка утврдува дека гувернерот го именува Собранието, на предлог на претседателот, со мандат од седум години.

Значи, разграничувањето е сосема јасно: претседателот предлага, Собранието именува.

Предлагачката надлежност не создава никаков хиерархиски однос меѓу претседателот и гувернерот. Впрочем, не случајно надзорната расправа ја организирате токму овде, во Собранието.

Критериумите се утврдени со членот 50. Се бара соодветна репутација, најмалку високо образование и професионално и академско искуство во економијата, финансиите, банкарството и правото.

И тука ќе посочам нешто.

Не само што кандидатот Трајко Славевски ги исполнува законските услови, туку станува збор за професор со четириесетгодишно искуство, човек со искуство стекнувано и во странство, меѓу другото и со Фулбрајтова стипендија и академски престои во Соединетите Американски Држави.

Околу партиското и непартиското, законската одредба е сосема јасна: во текот на мандатот гувернерот не може да биде член на политичка партија или да врши партиска функција, ниту да биде член на синдикат.

Значи, да не мешаме услови за вршење на функцијата со прашања за нечие претходно политичко или професионално ангажирање.

Ако претходниот политички ангажман сам по себе би бил дисквалификувачки, тогаш би требало да ја преиспитаме и меѓународната практика. Неколкумина од највисоките функционери на Светската банка и ММФ во својата професионална биографија имале и политички функции, вклучително и функции министри за финансии.

Тоа само по себе не значи фрлање сенка врз стручноста, компетентноста или професионалниот интегритет.

Што се однесува до прашањето со кого сум разговарала и со кого сум се консултирала, да, точно е: се консултирав.

Не само со поранешната гувернерка Бежовска, туку и со колеги од мојот факултет, со професори од Економскиот факултет, со поранешни гувернери и со експерти од оваа област.

Ги слушнав нивните мислења.

И, на крајот, јас сама донесов одлука за својот предлог.

Што се однесува до тоа дали заседавала ВМРО-ДПМНЕ, со кого заседавала и што разговарале, навистина не знам. Но, она што го знам е дека кога претседателот предлага човек за една од најзначајните функции во државата, мора да гледа и на неговата личност, и на неговото знаење, и на неговото искуство, и на неговиот интегритет.

Во таа смисла разговарав и со госпоѓата Бежовска.

Точно е дека преферирам жени.

И тоа не го кријам.

Во политиката сметам дека е особено важно таму каде што е концентрирана општествената моќ да има повеќе жени. Не само затоа што се жени, туку затоа што присуството на жените на местата на одлучување е прашање на еднаква распределба на моќта.

И кога зборуваме за борбата против насилството врз жените, не смееме да заборавиме дека таа не се води само со закони и декларации, туку и со присуство на жени таму каде што се носат одлуките.

Но, во конкретниот случај, мојот избор не се темелеше на полот.

Се темелеше на знаењето, искуството, стручноста и компетентноста.

И затоа се определив за господинот Трајко Славевски.

Веројатно една од основните причини беше и неговата професура, односно неговото долгогодишно академско искуство.

А сега, дозволете ми да кажам нешто што сметам дека е важно.

Мене легитимитетот не ми извира од парламентот. Ми извира од граѓаните.

Добив повеќе од 560 илјади гласови.

Затоа, кога се доведува во прашање мојата самостојност со инсинуации за некакви туѓи влијанија, тоа не е само навреда за мене. Тоа е и потценување на граѓаните кои ми ја довериле функцијата.

Јас дојдов овде со почит.

И не морав да дојдам.

Тоа го кажувам многу јасно.

Се консултирав и претходно, и сметав дека моето присуство овде не произлегува од некаква обврска да се правдам за нешто за што немам законска надлежност.

Но дојдов затоа што имам респект кон Собранието и затоа што сè уште верувам дека оваа институција може да биде школа за демократијата.

Најмногу дојдов заради граѓаните.

Меѓутоа, ваквиот начин на комуникација не мислам дека е во ред.

А вие сте тие што се одговорни за начинот на кој се води оваа расправа.

Јас денес не сум тука како професорка која води академска полемика со вас. Тука сум како претседателка на државата и како институционален чинител.

Затоа Ве молам, воспоставете ред.

Да продолжам.

Правото да предложам гувернер воопшто не подразбира право да го контролирам неговото работење.

Напротив.

Гувернерот функцијата ја врши самостојно, во рамките на Уставот и законите.

Членот 5 од Законот за Народната банка токму тоа го штити: забраната за политичко влијание врз одлуките на Народната банка.

Јас можам одговорно да кажам дека ниту сум се обидела, ниту ќе се обидам да вршам политичко влијание врз Народната банка.

Ако постојат дилеми во однос на Владата, мислам дека тие треба да ги разјаснат оние што со Владата непосредно комуницираат.

Уште еднаш ќе повторам: гувернерот не одговара пред претседателот кој го предложил.

Тој ја врши својата функција во рамките на законските надлежности и во рамките на институционалната одговорност што ја има предвидено законот.

Околу предвременото разрешување, јас веќе кажав дека би имало логика да се појавам овде доколку биде отворена таква постапка.

Но денес таква постапка нема.

Затоа не можам да одговарам на прашања што се однесуваат на постапка која не е отворена и на овластувања што во оваа фаза не се активирани.

Ако имате уште прашања, повелете.

А на прашањето за некакви односи со Вучиќ, Мацура или какви било други конструкции што беа споменати, ќе повторам само едно:

Навредливо е за мене и, со должно почитување, бесмислено е.

Јас сум претседателка на Републиката.

Мојата одлука ја донесов врз основа на Уставот, законите, моето професионално знаење, консултациите што ги направив и моето уверување дека предлагам човек кој ги исполнува условите и може да ја врши функцијата.

Тоа е целата приказна.

Како си дозволувате да зборувате во името на јавноста, во името на граѓаните?

Извинете, кој легитимитет Ви дава право да зборувате во нивно име?

Вие можете да зборувате за граѓаните што Ве избрале. Можете да зборувате во рамките на легитимитетот што го имате зад себе. Но, не можете да си присвојувате легитимитет што не Ви припаѓа.

И второ, како си дозволувате да ми кажувате како сум го избрала лицето за кое јас сум надлежна да предложам?

Повторувам: го избрав врз основа на законски утврдените критериуми.

Навистина не знам што е ова.

Ова не е прес-конференција.

Ова е Собрание. И Собранието, пред сè, треба да биде место на аргумент, а не на инсинуации.

Одговорно тврдам: изборот го направив врз основа на законските критериуми и без никаков притисок.

Одамна сум докажала дека сум имуна на притисоци.

За тоа не мора никому да давам лекција.

А за тоа дали некој друг е имун на притисоци, не би шпекулирала.

Второ, ја споменувате Агенцијата за разузнавање и велите дека ми била „на располагање“.

Тоа е погрешна перцепција.

Точно е дека претседателот го именува и може да го разреши директорот на Агенцијата. Но, тоа не значи дека Агенцијата му е „на располагање“ на претседателот во смисла на некаква лична или политичка служба.

Напротив, директорот е самостоен во извршувањето на работите од надлежност на Агенцијата.

И не заборавајте уште нешто: Агенцијата дејствува кон надвор, а не кон внатре.

Пратеничке Мираковска, постои Комисија за надзор на Агенцијата.

Но, со претседател кој, според информациите што ги имам, не може да добие безбедносен сертификат.

Дали случајно или намерно е избран таков претседател, не знам.

Она што го знам е дека од директорката на Агенцијата сум информирана дека досега немало ниту жалба, ниту обид за надзор над нивната работа.

А на прашањето зошто е тоа така, одговорот што го добив беше дека претседателот на Комисијата за надзор нема безбедносен сертификат.

Значи, да не ги мешаме институционалните овластувања.

Јас немам надзорна функција над Агенцијата и не ја употребувам Агенцијата за прибавување информации за конкретни политички или други потреби.

Впрочем, директорката на Агенцијата беше овде. Ја слушнавте.

Веројатно и Ве информираше дека немала сознанија за такво постапување.

Мене, пак, никогаш не ми биле доставени информации на мое лично барање за конкретна банка, конкретен гувернер или конкретна постапка.

Информациите што се доставуваат до претседателот на државата се дел од законски утврдениот систем на институционална комуникација и се доставуваат и до другите надлежни носители на функции, согласно закон.

Затоа, навистина не разбирам од каде конструкцијата дека Агенцијата ми била „на располагање“.

Тоа не е мојот однос кон институциите.

И мислам дека токму ваквите прашања откриваат еден друг профил на политичко размислување.

Она што за мене е незамисливо и недозволиво, за Вас изгледа логично.

Можеби токму затоа толку различно ги разбираме институционалната независност, контролата и одговорноста.

И, ако веќе зборуваме за легитимитет, дозволете ми да повторам: јас не сум овде затоа што некој ми дал дозвола да бидам претседателка.

Јас сум овде затоа што граѓаните ми го дале тој мандат.

Парламентарниот надзор е еден од најважните контролни механизми и, истовремено, еден од најотворените механизми на парламентарната демократија.

Неговиот опсег не се исцрпува со пратениците. Тој се отвора и кон експерти, стручњаци, професионалци, кон луѓе кои во темата што е предмет на надзорот имаат знаење, искуство и професионален интегритет.

Така парламентот станува навистина отворена институција – место каде што можат да се слушнат различни гласови и различни професии, да се добијат мислења што можат да бидат драгоцени за заклучоците, а од тие заклучоци да произлезат и други активности.

И, не помалку важно, јавноста добива увид во проблемот што ја засега.

Затоа и дојдов овде.

И претходно сум учествувала во неколку надзорни расправи, не секогаш со добар завршеток. Но потоа судот ги презеде работите во свои раце и видовме дека дел од заклучоците навистина се движеле во правата насока.

Дојдов, значи, со намера да објаснам доколку можам и да помогнам доколку можам во расветлувањето на овој случај.

Но има едно прашање што мислам дека мора да си го поставиме секогаш кога организираме надзорна расправа:

Кој е најзасегнат од проблемот за кој расправаме?

И уште едно: дали нашата дебата може да ја подобри состојбата, или, ненамерно, да ја влоши?

Мојата прва реченица овде беше дека дојдов заради граѓаните.

Не затоа што сметам дека сум должна да полагам сметка пред парламентот за нешто што не е во моја надлежност, туку затоа што верувам дека парламентот треба да биде школа на демократијата.

А кога велам граѓаните, мислам на внимателност.

Мислам на одговорност.

Затоа што во случај како овој, секој наш збор може да има последици врз довербата на луѓето.

Во кусиот разговор со господинот Костовски, моето прво прашање беше едноставно: дали научивме некоја лекција?

Бидејќи во оваа сала веќе имавме надзорна расправа поврзана со големи проблеми во банкарскиот сектор.

И тогаш се поставува прашањето: дали навистина се обидуваме да го решиме проблемот заради оние кои имаат најголема корист од неговото решавање – граѓаните?

Или, понекогаш, сме подготвени за миг да ги употребиме граѓаните како аргумент за политички цели, повикувајќи се на нив, а наместо да придонесеме кон побрзо решение, да создадеме дополнителни проблеми?

Тоа е границата што мора да ја чуваме.

Затоа што целта на оваа расправа не треба да биде победа на едната страна над другата.

Целта треба да биде да се зачува или да се врати довербата.

Довербата во институциите.

Довербата во банкарскиот систем.

Довербата дека системот функционира и дека, кога ќе се појави проблем, институциите знаат како да постапат.

Јас еднаш реков, мислам по повод одбележувањето на годишнината на Народната банка, дека сме имале среќа со луѓето што ја воделе оваа институција.

Имавме гувернери со знаење, со стручност и со интегритет, а резултатите од нивната работа се гледаат и низ параметрите по кои меѓународните институции го оценуваат финансискиот систем.

Затоа би било штета еден конкретен случај да ја наруши довербата што се градела со години.

Да, парламентот е отворена институција.

Дебатите понекогаш се жестоки. И треба да бидат.

Но жестокоста на аргументот не смее да ја потисне одговорноста на зборот.

Дојдов со добра намера.

И искрено, шокирана сум од начинот на кој понекогаш разговараме – не само едни со други како пратеници, туку и со оние кои доаѓаат овде за да придонесат кон расправата.

Се надевам дека оваа надзорна расправа сепак ќе резултира со добри и корисни заклучоци.

Се надевам дека Собранието ќе помогне проблемот да се надмине на најдобар можен начин.

А најголемиот бенефит од тоа не треба да го има ниту една политичка страна.

Треба да го имаат граѓаните.

И, конечно, треба да го имаат финансиската сигурност, стабилноста и довербата во банкарскиот систем.

Затоа што тоа не е интерес само на една институција.

Тоа е интерес на сите нас.

Ви благодарам.

Најнови вести од: Македонија

To top