Телевизијата натаму известува: Операцијата е координирана и е дел од поширока истрага, насочена кон сомнителна организирана криминална група, во која, според првичните неофицијални информации, можно е да биле вклучени и лица од полициските структури, кои исто така се под лупа на истрагата. Од специјални единици, до редовна униформирана полиција, голем број полициски службеници беа на терен, како во градот, така и на поширокото подрачје.
По ова во градот веќе на големо се шпекулира за тоа кои можат да бидат осомничените приведени лица, зашто, како што велат прилепчани зад камерите, во Прилеп е јавна тајна кој сè се занимава со овој вид „бизнис“. Согласно со тоа, а и бидејќи акцијата е сè уште во тек, официјалните информации кои треба да следат од надлежните институции кои ја водат истрагата, ќе покажат дали станува збор за една од поголемите полициски операции во Прилеп во последниве години, а поврзана со оваа сериозна проблематика. Неофицијално, при денешната акција извршена е и заплена на повеќе возила, кои исто така треба да бидат предмет на истрагата.
Ова не е првпат Прилеп да биде вмешан во активности, поврзани со дрога. Во април 2021 година, на Плетвар, со техничка поддршка од американската ДЕА, беа запленети околу 200 килограми марихуана, чија вредност беше проценета на околу 800.000 евра. Дрогата беше превезувана со комбе и требало да заврши во Грција. Тогаш, беа уапсени шест лица, помеѓу кои и тогашниот командир на Полициската станица во Прилеп. Во оваа акција, освен дрогата, при претресите беа пронајдени голема сума пари, колекција од луксузни часовници, оружје и муниција. Во октомври истата година, по признанието на вина и склучените спогодби, двајца од обвинетите добија по пет години затвор, тројца по три и пол години, а само командирот не призна вина и неговиот случај продолжи во судска постапка, објави ТВ „Алфа“.