Инструментот беше промовиран на отворањето на лабораторијата, со што донацијата стана дел од секојдневните услови за настава и истражување на факултетот. Донацијата е дел од долгорочната поддршка на Макстил за опремување на лабораторијата на Технолошко-Металуршкиот факултет (ТМФ).




За студентите, пристапот до аналитичка опрема значи можност теоретското знаење едновремено да го применат и проверат во лабораторијата. XRF методата овозможува да се утврди кои хемиски елементи се присутни во примерокот без тој да се уништи при анализата. За металуршката индустрија, тоа е важен дел од образованието на идните инженери при што покрај познавањето на процесите и материјалите, потребно е тие да стекнат и искуство со методите за нивна анализа, според Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на Макстил.
„Ако сакаме млади инженери подготвени за предизвиците на современата индустрија, мора да им дадеме можност да учат и преку практична работа. Токму затоа донацијата на XRF инструментот е значајна за Макстил. Тој ќе им биде достапен на студентите и на наставниот кадар и ќе придонесе анализата на материјалите да стане непосреден дел од нивната работа во лабораторијата. Нашата соработка со ТМФ има најголема вредност кога носи вакви конкретни можности за образование“, изјави Дуковска-Павловска.
Покрај опремувањето на лабораторијата, соработката предвидува и воспоставување на тренинг центар наменет за преквалификација, доедукација и практична обука на кадри за потребите на металуршката индустрија. Во рамки на оваа соработка, професорите од Технолошко-металуршкиот факултет, заедно со инженерите од Макстил, ја развија двегодишната професионална студиска програма „Металургија“, која со почетокот на новата академска година веќе се реализира на Технолошко-металуршкиот факултет. Преку оваа програма, студентите ќе се стекнат со професионалното звање Инженер-металург, како и со современи, практични и применливи знаења и вештини што ќе им овозможат успешно да одговорат на предизвиците и потребите на современата металуршка индустрија.
Донацијата на X-ray инструментот е реализирана во рамките на проектот Образование за вработување (Education for Employment – E4E), финансиран од Швајцарската амбасада преку Хелветас и Макстил, а во соработка со ТМФ за унапредување на лабораториските капацитети на факултетот и поврзување на наставата со практичните знаења што ги бара индустријата.
„Донацијата на XRF инструментот претставува значајно унапредување на лабораториските капацитети на Технолошко-металуршкиот факултет и отвора можности за негова примена не само во наставата и научноистражувачката работа, туку и во директна поддршка на металуршката индустрија. Со оваа современа опрема, студентите ќе имаат можност да стекнуваат практично искуство со аналитичка техника која се применува во реални индустриски услови, додека инженерите и стручните кадри од металуршката индустрија ќе можат да ја користат лабораторијата за потребните хемиски анализи и карактеризација на металуршки материјали. На овој начин, лабораторијата станува место каде што образованието, науката и потребите на индустријата се поврзуваат во една функционална целина. Особено значајно е што оваа поддршка се реализира во рамките на пошироката соработка со Макстил и проектот E4E, со поддршка од Швајцарската амбасада преку Хелветас, која опфаќа и развој на современи образовни програми и практична обука на Швајцарската амбасада преку Helvetas“, истакна проф. д-р Бети Андоновиќ, продеканка за наука на Технолошко-металуршкиот факултет и раководител на проектите поддржани од Швајцарска амбасада преку Helvetas.
Лабораторијата беше отворена на 29 септември, за време на завршната церемонија за обуката „Интегрирање на еко-иновации и напредни технологии во образованието“. На настанот беа доделени и сертификати на учесниците од индустријата кои успешно ја завршија обуката.