Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети Општата болница Кочани по повод донацијата обезбедена преку програмата „Polish Aid“ и Амбасадата на Република Полска.
Станува збор за современа медицинска опрема наменета за оперативната сала, во вредност од 47 илјади евра. Меѓу новите средства се најсовремен операционен стол, компатибилен хистероскоп, операционо светло и дополнителна хируршка опрема.
Благодарение на донацијата, само вчера во болницата биле изведени три операции.
Паралелно со ова, во ОБ Кочани се реализираат и други инвестиции за подобрување на условите. Набавен е нов дигитален рендген-апарат, чија монтажа се очекува во наредниот период, а одделот за физикална терапија доби современа опрема.
На гинеколошко-акушерскиот оддел, со ангажманот на новите гинеколози, забележан е значителен пораст на бројот на породувања. Службата за итна медицинска помош е засилена со две нови амбулантни возила.
Модернизацијата на ОБ Кочани ќе ја анализираме заедно со Клиничката болница Штип. Источниот регион треба да се планира како целина – што се развива во Кочани, што во Штип и како двете болници меѓусебно се надополнуваат, наместо да се планира болница по болница, истакна министерот Клековски.
Министерот изрази благодарност до „Polish Aid“ и Амбасадата на Република Полска за укажаната поддршка, како и до Општина Кочани и вработените во болницата за нивниот ангажман во унапредувањето на здравствената заштита.