Во Сули-ан, прогласен добитникот на Наградата ДЕНЕС 2026 – најстарата и една од најзначајните независни награди во земјава за млади визуелни уметници до 35 години. Наградата, која вклучува двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2027 година, му беше доделена на Јован Јосифовски за неговата досегашна уметничка практика и нејзиниот актуелен развој. Жирито оцени дека делото „Оддел за управување со бесот“, претставено во рамки на изложбата на наградата ДЕНЕС, го означува моментот на промена во практиката на Јосифовски, кој оваа трансформација убедливо ја образложил и во својата презентација пред жирито.
- „Неговата практика се наоѓа во пресуден момент на трансформација и сметаме дека Њујорк, во овој период од неговиот уметнички развој, ќе му понуди соодветна и поттикнувачка средина за понатамошна работа“, образложи жирито.


- Одлуката, како што истакнаа членовите, следеше по долга и инспиративна дискусија за практиките на тројцата финалисти.
Одлуката за Наградата ДЕНЕС 2026 ја донесоа: Натали Онглес, извршна директорка и коосновачка на Residency Unlimited, Њујорк; Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград и добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во 2017 година; и Илија Прокопиев, визуелен уметник и културолог, добитник на ДЕНЕС во 2011 година и актуелен уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана.
Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 година од Центарот за современи уметности – Скопје. Од 2015 година, наградата ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на АКТО фестивалот за современи уметности, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited (RU) и фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.