Новиот мобилен оператор во Македонија ќе ја користи сателитската мрежа „Старлинк“ на милијардерот Илон Маск, објави министерот Александар Николоски во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето дали телекомуникациската компанија „4iG“ гради сопствена 5G мрежа, Николоски за „360 степени“ рече дека веќе најавиле стратешка соработка и дека Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои директно ќе се имплементира оваа технологија.
На прашањето дали постои ризик Маск да го прекине пристапот до „Старлинк“ како во Украина, министерот рече дека тоа е чисто комерцијален договор.
„Веќе најавија соработка со Старлинк на Илон Маск, а надвор од Украина, Македонија и Црна Гора ќе бидат првите земји каде што директно ќе се користи Старлинк, така што мобилната мрежа ќе оди на Старлинк, а секако и Интернет мрежата.
„Сега, од она што го знам, изнајмуваат базни станици, а кога ќе заврши тестирањето одат директно на ‘Старлинк’, односно на сателитите на Илон Маск, што ќе се согласите е скок за Македонија во оваа голема трка во технологијата. Не мислам дека во комерцијалниот дел тоа би го направил.
Таму, објасни мислам и секретарот Рубио, се работи за државен воен дел итн., комерцијалниот дел е нешто сосема друго“, рече Николоски.
На прашањето дали инспекциите што ги најави унгарската влада влијаат на инвестициските планови на „4iG“ во нашата земја, Николоски посочи дека операторот има рок до март 2027 година да покрие барем еден град и дека тие го избрале Скопје, што ја докажува нивната сериозност.
Тој уште еднаш повтори дека очекува намалување на цената.