Македонија

Мицкоски: Над 1200 градилишта низ РМ, вложуваме во автопати, железница, образование и инфраструктура! – Јавните функционери да ја оправдаат дадената обврска!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата во изминатите две години работи на реализација на голем број инфраструктурни и развојни проекти, посочувајќи дека низ државата има повеќе од 1.200 активни градилишта и проекти.

 

Во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба, Мицкоски истакна дека е свесен за разочарувањето на граѓаните од досегашните ветувања и за секојдневните предизвици со кои се соочуваат семејствата, нагласувајќи дека носителите на јавни функции имаат обврска да ја оправдаат довербата што им е дадена.

„Пред тие луѓе секој носител на јавна функција мора да покаже скромност и почит. Нивната мака заслужува одговор, нивното време заслужува почитување, а нивната доверба мора да се оправдува секој ден“, порача премиерот.

Автопати, железница и енергетски проекти

Одговарајќи на прашањето што е направено во изминатите две години, Мицкоски ги посочи инфраструктурните инвестиции во патната и железничката мрежа, како и во енергетскиот сектор.

Меѓу проектите што ги наведе се автопатските делници Блаце–Скопје, Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Прилеп–Битола, Кичево–Охрид и Букојчани–Кичево, како и експресниот пат Градско–Фариш–Дреново.

Тој ја спомена и изградбата на железничката пруга од Куманово до Бељаковце, продолжувањето на следните фази кон границата со Бугарија, како и далекуводот Битола–Елбасан.

Во делот на енергетиката, премиерот ги посочи и двата гасоводни интерконектори кон Грција и Србија како дел од планираните и започнатите инфраструктурни активности.

Половина милијарда евра за општините и инвестиции во образованието

Мицкоски наведе дека за инфраструктурни проекти на општините и поддршка на македонските компании се издвоени половина милијарда евра.

Меѓу проектите во образованието ги посочи изградбата на два студентски дома, осум училишни домови кои, според него, започнуваат со фаза на реализација, како и инвестиции од 90 милиони евра во образовната инфраструктура.

Премиерот во обраќањето изнесе и тврдења за економските показатели, оценувајќи дека земјата бележи ниска инфлација во европски рамки и се наоѓа меѓу државите со повисок економски раст.

„Ќе одговараме со работа и енергија“, потенцира Мицкоски.

Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со реализација на проектите и покрај критиките од опозицијата, нагласувајќи дека развојот на државата бара јасни цели, сплотеност и посветеност на националните интереси.

„Колку ниско и да напаѓаат тие, ние ќе одговараме со работа и енергија“, истакна премиерот.

Тој додаде дека на патот кон остварувањето на поставените цели може да има предизвици и грешки, но нагласи дека тие не смеат да бидат од таков карактер што ќе ги загрозат стратешките интереси на државата.

Во завршниот дел од обраќањето, Мицкоски се осврна на значењето на слободата и еднаквоста пред законот, посочувајќи дека целта треба да биде создавање држава во која граѓаните ќе можат чесно да заработуваат, слободно да го изразуваат своето мислење и сигурно да ја планираат иднината.

„Кога законот важи еднакво за влијателниот и за обичниот човек. Кога партиската книшка ја губи моќта пред знаењето, трудот и способноста. Тоа е државата што сме должни да ја создаваме“, порача Мицкоски.

Тој заклучи дека одговорноста за иднината на државата започнува од носителите на јавните функции, нагласувајќи дека функциите се привремени, но последиците од донесените одлуки остануваат.

Најнови вести од: Македонија

Ѓорге Иванов: Секоја генерација има своја борба, нашата е за подостоинствен живот во Македонија

Чествувањето на 23 Октомври во рамките на политичкиот дискурс во Македонија служи како инструмент за мобилизација на јавното мнение и потсетување на колективната меморија. Политичките елити го користат овој историски датум не само за оддавање почит кон жртвите од минатото, туку и за легитимирање на сопствените политички агенди поврзани со реформите, европските интеграции и заштитата на националните интереси.

На Денот на македонската револуционерна борба порака од Кос: Направете ги уставните измени, исполнете ја вашата обврска!

Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната тет-а-тет средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.

СВР Тетово: Се преземаат мерки за спречување меѓуетничка нетрпеливост кај младите

Секторот за внатрешни работи Тетово ја информира јавноста во врска со видео материјалите кои се споделени во дел од социјалните мрежи, а се однесуваат на синоќешниот инцидент во кој беа вмешани неколку малолетни лица, дека синоќа тие малолетници се обиделе да проверат кај две 11-годишни деца дали нивната облека содржи обележја на навивачка група, при што изреагирале случајни минувачи и не дошло до физички контакт.

Мицкоски: Никогаш нема да отстапам од интересите на мојот македонски народ! – Гоце е вткаен во нашето постоење, тој е Македонија!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема да отстапи од, како што рече, интересите на македонскиот народ, нагласувајќи дека европската иднина на државата треба да се гради со мудрост, реформи и зачувување на националното достоинство.

Муцунски: Наша обврска е да градиме силна и меѓународно почитувана држава, чувајќи ги идеалите со достоинство

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Тимчо Муцунски, денеска во Скопје ја предводеше владината делегација која положи цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Мицкоски: Свои на своето и со крената глава! – Со корен во минатото и со верба во иднината, ќе успееме!

„На 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата, за која тие се бореа, за која тие живееја и за која тие ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас?“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на денешната свечена академија, која се одржа под мотото „Свои на своето!“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

Најнови вести

To top