На средбата беа разгледани Планот за раст и евроинтегративниот процес на земјава, при што Кос упати апел до Владата да ја исполни обврската во однос на уставните измени.
„Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор – уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани“, посочи Кос.
Оцени дека актуелниот момент е можност за напредок на Македонија кон ЕУ, посочувајќи го напредокот на други земји од Западен Балкан.
„Живееме во историски момент во кој некои други земји од Западен Балкан напредуваат. Се надевам дека многу наскоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи, ова е навистина вистинскиот момент и Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Македонија зависи да ги исполнат очекувањата“, порача Кос.
Сали е во тридневна посета на Брисел, во рамки на која остварува средби со претставници на европските институции за прашања поврзани со евроинтеграциите и соработката со Европската Унија.