Откако биле забележани случаи на користење фиктивни адреси за добивање место во образовните установи, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски изјави дека некои родителитсе обидувале да прикажат дека живеат на територијата на Центар за нивните деца да добијат предност при уписот.
Според него, во одредени случаи адресата наведена во личната карта не била доволен доказ за реалното место на живеење, дознава 4news.mk
„Се соочувавме со фиктивни адреси. Сега со новиот правилник потребен е и имотен лист“, посочи Герасимовски.
Според него, целта на изменетите правила е да се обезбеди правичен упис и да се спречат злоупотребите на адресните податоци.
Герасимовски нагласи дека во училиштата кои се наоѓаат на границите со соседните општини постои можност за прием и на деца од други делови на Скопје, особено кога има слободни капацитети.
Сепак, во училиштата со поголем интерес за упис, како „Киро Глигоров“ и „Коле Неделковски“, приоритетот на децата од Центар мора да се почитува.
Според градоначалникот, општината има обврска да обезбеди места за своите жители, но истовремено да овозможи рационално искористување на образовните капацитети.
Тој посочи дека правилниците се подготвуваат во соработка со советниците, со цел да се воспостават јасни критериуми и еднаков третман на родителите.
Герасимовски порача дека контролата на документите при уписот ќе продолжи, за да се спречат манипулациите и да се обезбеди транспарентна постапка за прием на децата.