Хроника

Млади Македонци како глинени гулаби на српските нарко кланови – истражување на КОД

Најмалку 16 млади Македонци заминале во Србија, меѓу нив и малолетници

Најмалку 16 млади момчиња од Македонија досега биле идентификувани како лица кои заминале во Србија и биле вовлечени во активности на организирани криминални групи, открива истражувањето на емисијата „КОД“. Поголемиот дел од нив биле на возраст до 21 година, а меѓу регрутираните имало и малолетници кои по заминувањето во Србија наполниле 18 години.

Според истражувањето, младите најчесто потекнувале од скопските населби Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево. Во поширокиот список, според „КОД“, се споменуваат и млади од Ново Лисиче.

Дел од младите претходно имале проблеми со законот или биле поврзани со активности поврзани со продажба на дрога, додека значителен дел потекнувале од нефункционални семејства. Како особено ранливи категории се издвојуваат и млади од згрижувачки семејства и домови, како и лица кои биле привлечени од ветувања за брза заработка и лесен живот.

Според наодите објавени во „КОД“, до младите се стигнувало преку лица од Македонија поврзани со криминалното милје. Тие им нуделе „работа“ во Србија и им ветувале голема заработка.

По регрутацијата следувало заминување преку границата. Во случаите кога некои од младите биле барани од македонските власти, според истражувањето, биле користени лажни документи или илегални премини.

Пошироката бројка на досега идентификувани млади Македонци поврзани со вакви криминални структури, според изворите на „КОД“, се движи меѓу 16 и 20 лица. Регрутирањето, според истите извори, особено се засилило во 2024 година.

Откако ќе пристигнеле во Србија, дел од младите добивале посебни уреди за комуникација и пристап до затворени канали преку кои добивале задачи. Во прилогот се наведува дека им биле ветувани големи суми пари, скап ноќен живот и можност за напредување во криминалната хиерархија.

Истражувањето на „КОД“ покажува и друга страна од регрутирањето – младите, покрај тоа што станувале извршители на криминални активности, во одредени случаи станувале и жртви на групите во кои биле вовлечени.

Според објавените информации, на дел од нив им биле одземани личните документи, а напуштањето на криминалните структури било исклучително тешко.

„КОД“ објави дека феноменот е регистриран и од македонските безбедносни служби. Истражувањето отвора прашање како младите од Македонија се регрутираат за извршување кривични дела во Србија и пошироко во регионот.

Емисијата „КОД“ на Телма ја објави истрагата на 27 септември 2026 година, под наслов „Глинени гулаби“, посветена на регрутирањето млади Македонци за извршување кривични дела во Србија и Европа.

Најнови вести од: Хроника

Две години затвор за Пеце Матовски, поранешниот директор на РЕК „Битола“ за спорниот тендер за јаловина

Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба при спроведувањето на тендерот за ископ на јаловина во периодот 2022–2023 година, на кој била избрана битолската компанија „Руд Коп“. Пресудата ја донесе судијата Горан Димовски од Основниот суд во Битола. Условни казни добија и членовите на […]

Повторно зачестени измамнички пораки за наводна наплата на сообраќајни прекршоци – МВР повикува на внимателност

Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба.

Осум дена притвор за возачот од Битола, откако беше приведен и по вторпат: првиот пат со 3,23, а потоа и со 3,50 промили алкохол во крвта!

Х.Ј. (29) првиот пат бил запрен кај спортската сала „Боро Чурлевски“ со 3,23 промили, а два дена подоцна на Партизанска повторно возел пијан. Му е одреден осумдневен притвор.

Најнови вести

To top