Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против 31-годишен Охриѓанец за три кривични дела: „телесна повреда“, „противправно лишување од слобода“ и „загрозување на сигурноста“. Заедно со обвинението, до Основниот суд во Охрид е доставен и предлог за определување притвор.
Според обвинителството, при вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на оштетената – неговата 26-годишна девојка Сара.
Во текот на денот, јавниот обвинител презел повеќе дејствија за испитување на настанот. Оштетената била испитана во присуство на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење на видот и карактерот на нејзините повреди.
Обвинителството соопшти дека предлогот за притвор е доставен имајќи ги предвид утврдените околности во предметот и дека обвинетиот бил обезбеден за целото време од поведувањето на постапката.
Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ, по расправија што започнала во домот на 31-годишниот Охриѓанец и продолжила во неговиот автомобил, тој физички ја нападнал својата девојка.
Откако го запрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Полицијата го лишила од слобода во 5:05 часот и го задржала во полициска станица. Првично, по барање на Обвинителството, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост: забрана за приближување до оштетената на растојание помало од 50 метри, одземање на пасошот со забрана за издавање нов и обврска секој втор понеделник да се јавува во судот.
Сега Обвинителството го товари лицето за три кривични дела и бара определување притвор. Одлуката по предлогот треба да ја донесе Основниот суд во Охрид.