Четворицата осомничени за двете убиства во скопските населби Хром и Ѓорче Петров се приведени. Според извори од истрагата, тие веќе ги признале кривичните дела во полициска станица.
Нивна мета биле повозрасни лица кои живееле сами. Жртвите биле врзувани и претепувани, по што од нивните домови биле одземани пари и злато.
Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека вчера, 27 октомври, се лишени од слобода четири лица – А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58), сите од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица.
Тие се осомничени за две кривични дела „разбојништво“ со последица смрт, извршени на 22 октомври во Хром и на 27 октомври во Ѓорче Петров.
Според неофицијалните информации, двајца од приведените учествувале во првото убиство, во кое животот го загубил 62-годишен маж од Хром, додека тројца биле вклучени во убиството на 76-годишната жена, чие безживотно тело вчера беше пронајдено во нејзиниот дом во Ѓорче Петров. Четвртиот осомничен, 26-годишникот од Струмица, според истите извори, бил возач на групата.
Двете жртви биле убиени на речиси идентичен начин. Напаѓачите ги врзувале и физички ги малтретирале, а потоа од нивните домови одземале пари и златен накит. На местата на злосторствата полицијата пронашла ДНК-траги за кои се верува дека им припаѓаат на осомничените.
Од МВР соопштија дека постапуваат во координација со Основното јавно обвинителство Скопје и дека за четворицата е побаран краткотраен притвор од 48 часа.
„Во координација и по издадени наредби од ОЈО Скопје, а со цел комплетирање на целокупниот доказен материјал за понатамошна постапка, за лицата е побаран краткотраен притвор согласно член 170 во врска со член 165 од Законот за кривичната постапка, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Од Обвинителството појаснуваат дека постапката сè уште е во фаза на прибирање докази и дека засега не е донесена наредба за спроведување истрага. Се очекуваат и резултатите од обдукциите на двете тела.
Едно од прашањата што треба да ги расчистат надлежните е дали двете жртви биле единствените на осомничената група или таа е поврзана и со други кривични дела.