Хроника

Осомничен полициски службеник: Пари од наплатени казни во готовина си ги ставал во џеп!

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК води кривична постапка против полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје, поради постоење основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Од досега прибавените докази произлегува дека во периодот од април до јули годинава, во Скопје, осомничениот, како службено лице, со умисла презел повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело. Искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, тој ја злоупотребил својата службена положба и овластувања, односно не ја извршувал службената должност, при што за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист, причинувајќи штета на Буџетот на Република Северна Македонија за најмалку 85 500 денари.

Имено, додека извршувал работни задачи во депото на ЈП „Градски паркинг“, за дел од лицата на кои претходно, со специјално возило – пајак, им било подигнато возилото поради непрописно паркирање, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог. Наместо глобата да ја наплати преку ПОС-терминал, осомничениот ја наплаќал во готовина. На записниците приложувал потврда (слип) од ПОС-терминал за претходно извршена уплата по друг записник и на друго лице, додека паричните средства што ги примал во готовина ги задржувал за себе.

Во други случаи, осомничениот прибавил противправна имотна корист за други лица и предизвикал штета на Буџетот на Република Северна Македонија така што, за дел од нив, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог во кои прекршокот го квалификувал како полесен, со што изрекувал помала глоба, спротивно на претходно утврдената фактичка состојба. За друг дел од лицата, пак, воопшто не изготвувал записник ниту наплатувал глоба, иако за нивните возила биле издадени налози за отстранување и тие биле сместени во депото на ЈП „Градски паркинг“, туку дозволувал возилата да го напуштат депото истиот ден.

Заради непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Предлогот е заснован на околностите што укажуваат на опасност од бегство, опасност од повторување на кривичното дело, како и опасност од влијание врз сведоците кои во текот на постапката дополнително ќе бидат повикани и испитани.

Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена.

Најнови вести од: Хроника

И.Х.(25) и А.Х.(20) од село Идризово се скарале со продавачката, па го нападнале и И.О.(41), која ја бранел!

Двајцата насилници од Идризово може на некое време да станат жители на затворот во близина на нивното село, откако во продавница биле агресивни кон продавачка, а потоа го натепале соселанецот, кој им рекол да не се однесуваат непристојно кон жената.

Одложено судењето на Груби и уште седум лица: закажани 13 термини за расправа во септември и октомври 2026

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја одложи главната расправа во предметот за наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.

To top