Хроника

Прва затворска казна за малтретирање и убиство на животно во Македонија

Основниот кривичен суд во Скопје донесе пресуда со која ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за сурово малтретирање и убиство на кучето Феликс

Основниот кривичен суд во Скопје донесе пресуда со која ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за сурово малтретирање и убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди. Судот изрече казна затвор од три месеци за Крстевски, додека. Билбиловски доби парична казна во износ од 1.000 евра. Ова е прва пресуда во државава со затворска казна за мачење животни.

Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски со тврд предмет налик на стап го нападнал кучето Феликс, нанесувајќи му удари во пределот на главата. Повредите резултирале со потрес на мозокот и хематоми. Потоа, заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.

Во образложението на пресудата, судијката Лидија Петровска ја отфрли одбраната на Крстевски дека кучето било опасно и дека реагирал во афект поради неговото присуство во дворот на фирмата и истакна дека од изведените докази – видео записи и ветеринарски извештај, се утврдило дека кучето не претставувало реална закана, напротив, било со тежина од околу 15 килограми и не покажувало агресивност.

-Нема никакво оправдување за нанесување на толку удари на куче поради инстинктивно и биолошки неопходно однесување. Човекот постапува разумно, животното – инстинктивно, се наведува во пресудата.

Судот, исто така, ја оцени како неприфатлива и одбраната на Билбиловски, кој тврдел дека само му помогнал на Крстевски да го отстрани телото на кучето, мислејќи дека е мртво. Судот утврди дека кучето било сè уште живо во моментот кога било влечено со жица, што, според судот, претставува дополнително страдање.

За Крстевски, судот ги зема предвид неговата зрелост, семејна состојба и фактот дека и самиот чува куче – што, наместо олеснителна, беше оценето како отежнителна околност. Судот смета дека токму поради овие карактеристики, од него се очекувало повисоко ниво на самоконтрола и емпатија.

-Начинот на извршување на делото – повеќе удари со стап врз животно кое лежи, претставува изразено отежнувачка околност, се вели во пресудата.

Како олеснителна околност беше земено неговото коректно однесување за време на судската постапка.

Во однос на Билбиловски, судот утврди дека неговата улога била помала, но сепак свесно прифатил да учествува во дејствијата кои довеле до страдање на животното. Иако и тој е сопственик на домашно милениче, не покажал емпатија во моментот на настанот.

Судот нагласи дека дури и кратка казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и превенција на слични постапки. Судијката потенцираше дека пресудата има за цел да испрати јасна порака дека суровоста кон животни нема да се толерира и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните.

– Станува збор за дело што предизвикува висока јавна чувствителност и морална загриженост, особено во контекст на зголемен број случаи на суровост врз животни. Со изрекувањето на ефективна казна затвор, се испраќа порака дека вакви постапки нема да се толерираат, и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните. Казната не само што ја санкционира индивидуалната вина, туку служи како одвраќање за други потенцијални сторители. Судот верува дека само преку доследна и строга реакција на вакви случаи може да се заштити јавниот интерес и да се придонесе за општество кое ги почитува етичките вредности и животот во сите негови форми. Во таа смисла судот смета дека дури и кратка казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и превенција на слични постапки. Со оваа казна се испраќа јасна порака дека суровоста кон животни не е прифатлива во едно хумано општество, бидејќи заштитата на животните е одраз на зрелоста на едно општество, образложи судијката Петровска.

Денешната пресуда е прва со изречена затворска казна за мачење животни.

По смртта на Феликс, се одржаа повеќе протести на кои граѓани, активисти и љубители на животни се собираа заеднички да побараат правда за убиеното куче и да испратат порака дека насилството врз животните мора да престане, а сторителите да бидат соодветно казнети. Присутните тогаш побараа максимална затворска казна за Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски. Воедно, организаторите потсетија дека во македонскиот Кривичен законик веќе речиси 20 години постои член за кривично дело убиство и мачење животни, но досега не е изречена ниту една затворска казна.

Судењето го водеше судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Зоран Здравев.

Најнови вести од: Хроника

Вреди: Случајот Ласкарци е симбол на неуспехот на судството, кое мора да се реформира од корен!

Седум години по трагедијата кај Ласкарци, семејствата на 16-те жртви сè уште ја чекаат правдата. Укинувањето на пресудата на Апелациониот суд и враќањето на предметот на повторно судење повторно отвораат простор за ново одолговлекување на процесот, порачаа денеска од ВРЕДИ.

Поднесена кривична пријава против уапсениот помошник директор во Царинска Управа, поради примање мито

На 10.09.2026 во близина на клучка Желино, на автопатот Скопје-Тетово, полициски службеници под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК го лишија од слобода Џ.И. (63) од Шипковица, Тетово, помошник директор во Царинска управа на РМ. Денеска (11.09.2026) Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против него за сторени кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Полициски претреси на 32 локации, проверка и во службени простории на МВР – сомнежи за незаконски дејства околу возачки дозволи!

Министерството за внатрешни работи денеска информира дека спроведуваат акција со претреси на повеќе локации, поради сомненија за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за C и D категорија.

Првообвинетиот за пожарот во дискотеката во Кочани Дејан Јованов (Деко) ќе излезе наскоро од притвор

На 3 октомври првообвинетиот за пожарот во дискотеката во Кочани, Дејан Јованов (Деко) ќе излезе од притвор, потврдил Кривичниот суд за ТВ Телма. Според Законот за кривичната постапка, тој може да биде во притвор максимум една година од оценката на обвинението.

To top