Хроника

Сведок: Деко не ја даваше лиценцата на увид, а улицата пред дискотеката беше блокирана од паркирани возила

Инспекторка на судењето за „Пулс“

Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не им ја дал на увид лиценцата за работа на полициските службеници при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран од паркирани возила – сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“.

Симеонова, која сведочеше во рамките на директното испитување од страна на Обвинителството, појасни дека во Министерството за внатрешни работи е вработена од 2001 година, а во текот на 2022 и 2023 година континуирано извршувала работни задачи како инспектор за странци опфаќајќи канцелариска и теренска работа.

Прашана за начинот на спроведување на активностите и соработката со другите служби, таа посочи дека кога работат пспоред Законот за странците, постапуваат само инспекторите за странци, а кога работат според оперативни планови, имаат заеднички акции со инспекторите од МВР, Пазарна инспекција, Труд и социјала…

– Кога работиме во нашиот дел, според Законот за странците, работата може да биде единечна и во тој случај постапуваме само инспекторите за странци. Кога работиме според оперативни планови, анекс-планови од МВР – БЈБ, тоа значи дека имаме заеднички акции со другите инспекторати, со колеги од МВР, со Пазарната инспекција, Труд и социјала и други потребни инспектори, кои се опфатени во тој оперативен план во зависност од потребите – посочи Симеонова.

Наведе дека проверките во Општина Кочани главно се вршеле во угостителски објекти, хотели, мотели, ноќевалишта и апартмани со сместувачки капацитети, со цел откривање нерегуларен и незаконит престој на странци.

Во однос на кабарето „Пулс“, Симеонова потврди дека во периодот од 2022 до 2023 година биле вршени контроли во повеќе наврати, но, како што рече, секогаш во рамките на нејзината надлежност. По секоја извршена контрола, бил изготвуван извештај, кој бил доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток.

Контролите се одвивале во ноќните часови, првично од 22 до 3 часот, а подоцна од 23 до 4 часот.
За процедурата на евидентирање на неправилностите од страна на другите присутни служби, Симеонова појасни дека секој оперативен план има одговорно лице што ја спроведува акцијата.

– Тој е задолжен по завршувањето да изготви извештај и да го достави до дежурната служба, односно полициската станица во Кочани. Претпоставувам дека ПС Кочани, по хиерархија на вработените, одговорниот треба да го препрати до СВР Штип – рече Симеонова.

На прашањето на Обвинителството за сообраќајниот пристап до кабарето и присуството на возила околу објектот, Симеонова сведочеше дека било сообраќаен хаос.

– Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот што се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила – рече Симеонова.

Инспекторката детално го опиша и моментот кога од сопственикот на објектот била побарана документацијата за работа. Таа рече дека лиценцата била побарана во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план.

– На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник. Тврдеше дека ги има поднесено документите за обновување на лиценцата за работа пред 15 дена во Скопје и тврдеше во тој момент дека лиценцата има важност до 31 март 2023 година. Од моја страна и од страна на колегата тоа беше нотирано во извештајот таа вечер – сведочеше Симеонова.

Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.

Најнови вести од: Хроника

Притвор и куќен притвор на двете вработени во АД „Државна лотарија“ за проневера на 1,3 милиони евра

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлог на Обвинителството, им определи мерка притвор и куќен притвор на двете осомничени финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“ за “проневера во служба”.

Одземен пасошот и забрана за работа за Вишиот јавен обвинител од Битола, се сомничи за криминал и мито

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост против П.В. – Виш јавен обвинител од Битола, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК.

Уапсен 69-годишник во Гостивар откако полицијата му пронајде пушка и 110 куршуми

Надлежните пронајдоа и одзедоа автоматска пушка со рамка во која имало шест куршуми од 7,65 мм, рамка со седумнаесет куршуми од 7,65 мм, како и неколку кутии со вкупно 110 парчиња муниција од различни калибри

To top