Хроника

Тошковски: Разбиена сериозна криминална група, дел од неа дејствувал над 15 години во Македонија и во земји од ЕУ!

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во Радио Лидер соопшти детали за големата полициска акција, која вчера беше спроведена во Прилеп. Тој посочи дека е разбиена многу сериозна организирана криминална група, на која Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство и со странски партнерски служби, работело повеќе од една година.  „Значителен дел од таа организирана криминална група повеќе од 15-тина години го правела тоа што го правела и биле недопирливи за органите на прогон.“ – истакна Тошковски.

Министерот информира дека во текот на вчерашниот ден биле извршени околу триесетина претреси. Околу 21 лице ќе бидат опфатени во првичната кривична пријава, која во текот на денот ќе биде процесуирана. Постапувањето продолжува по итна постапка и по наредба на јавен обвинител. Според Тошковски, постојат основани сомненија дека дел од групата во изминатиот период дејствувала и на територијата на Грција, во областа на Халкидики и Калитеа, каде што се сомничи за сериозни кривични дела од областа на имотните деликти, меѓу кои и тешки кражби.

Дел од групата, според информациите со кои располага истрагата, вршел криминални дејства и на територијата на Шпанија. Едно од лицата кое било во куќен притвор во Шпанија побегнало оттаму, а сега е обезбедено од македонската полиција и соодветно процесуирано. „Навистина станува збор за сериозна организирана криминална група која многу години роварела не само во Македонија туку и во земји членки на Европската Унија. Со опсежна акција под координација на Јавното обвинителство, повеќе од година дена  е работено на оваа организирана криминална група“, рече Тошковски.

Во рамки на истрагата постојат сомненија и дека одредени криминални дејства биле потпомагани од полициски службеници, кои споделувале информации со членови на групата. Поради тоа, во текот на акцијата биле извршени и неколку претреси кај полициски службеници, за кои постои сомнение дека соработувале со дел од осомничените. Тошковски информираше дека член на најтесното семејство на еден од осомничените пред неколку месеци бил уапсен од француската полиција, откако во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин, за кои, според информациите што ги изнесе министерот, целта била да бидат донесени во Македонија.

При вчерашните претреси била пронајдена и готовина во износ од над 120-130.000 евра, а биле одземени и околу десет возила, меѓу кои две „Масерати“ и две луксузни возила „Ленд Ровер“. За едното од возилата постојат основани сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација. Истражните дејствија продолжуваат и денеска. Министерот потенцираше дека целта на истрагата не е само документирање и процесуирање на кривичните дела, туку и утврдување и одземање на имотот стекнат како резултат на криминални активности.

„Целта на оваа истрага и целта на овој кривичноправен процес којшто го преземаме не е само да го документираме, евидентираме и го процесуираме кривичното дело коешто го правеле сторителите, за коешто имаме и те како собрано доказен материјал во изминативе година дена, туку целта е и сето она коешто е настанато како последица на кривичните дела од аспект на зголемување на имотна состојба, биде одземено и биде ставено во функција на државата“, истакна Тошковски.

Посочи дека постојат сомненија и за перење пари, односно дека приносите стекнати со криминални активности биле пуштани во правниот промет во Македонија и надвор од државата. Истрагата располага и со трага поврзана со купопродажба на имот во соседна Србија. „Целта е да покажеме и упатиме јасна порака дека криминалот повеќе во Македонија е неисплатлив и дека секој којшто согрешил и секој којшто сторил кривично дело, без оглед на каков тип на кривично дело станува збор, особено трговија со дрога и труење на нашите најмлади, ќе одговара, а притоа сè она коешто го стекнал како нелегален имот ќе биде конфискувано и ќе биде ставено во функција на државата“, порача министерот Тошковски.

Истрагата продолжува во координација со Јавното обвинителство, а Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со преземање истражни дејствија за целосно документирање на случајот и утврдување на имотот за кој постојат сомненија дека е стекнат со криминални активности.

 

Најнови вести од: Хроника

ТВ „Алфа“: Голема полициска акција во Прилеп, Охрид и Струга, поради сомничења за „бизнис“ со дрога – претреси на 30 локации, под лупа и полицајци!

Голема полициска акција е во тек во Прилеп, се вршат претреси претреси на 30 локации, осомничена е поголема група за активности поврзани со наркотици. Освен во овој град, претреси се прават и во Охрид и Струга, објави ТВ Алфа.

Условно осудениот Пецов – Ѓаволот си ја плати казната од 8.000 евра, а „рушветчијата“ Стафа бара условен отпуст!

Љупчо Пецов – Ѓаволот, осуден во предметот „Синџир“, ја уплатил паричната казна од 492.000 денари, односно околу 8.000 евра, информираат од Основниот кривичен суд Скопје. Пецов, кој беше осуден на условна казна затвор од две години, на 2 септември ја уплатил паричната казна, по што за тоа бил известен и Судот. Адвокатот Фехми Стафа, обвинет дека примил поткуп од 50.000 евра, за да влијае кај судија во предметот поврзан со Пецов, сè уште ја издржува затворската казна од една година и три месеци. Стафа сега бара условен отпуст!

Две и пол години затвор за вработената во МВР, што фалсификувала возачки дозволи, 1,3 години за возачите

Тројца обвинети во предметот за фалсификување возачки дозволи ја признале вината и добија затворски казни во скратена постапка. На првообвинетата, вработена во Министерството за внатрешни работи, ѝ е изречена казна затвор од две години и шест месеци. Второобвинетиот и третообвинетиот се осудени на една година и три месеци затвор. За сите тројца е продолжена мерката притвор, информираа на средба со новинарите во Основниот кривичен суд Скопје.

To top