Македонија

Ајде да им простиме на најдобрите меѓу нас

Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини

Пишува Драган Милосављевиќ

Кога најголемиот староримски поет Вергилиј бил на смртната постела, им наредил на наследниците веднаш штом замине на оној свет да го уништат неговото грандиозно дело, епот Енеида. Зошто? Кој знае. Можеби полудел, можеби на стари години забегал. Можеби пак отсекогаш имал мушички во главата. И веројатно наследниците ќе ја исполнеле неговата последна желба да не се замешал императорот Октавијан Август, кој здраворазумски едноставно забранил да се направи таква глупост и на светот и идните поколенија им го спасил ова епохално остварување.

Две илјади години подоцна пишувачот на овие редови се уште е под импресија на неодамнешниот концерт на нашиот славен пијанист, Симон Трпчевски дома, тука во Скопје. Да  бидам искрен, од музика се разбирам колку да кажам дали тоа што го слушам ми се допаѓа или не, но оние што се разбираат многу, неспоредливо повеќе велат дека Трпчевски е светска класа. Притоа тој досега ја има среќата за него во Македонија генерално да се зборува убаво. Нема или барем јас не сум слушнал некакви гадости поврзани со него, некое озборување, афери и слично, иако има време а ние сме упорни, ќе му најдеме порано или подоцна.

Но не ми е зборот за Симон, (бидејќи случајно се познаваме си дозволувам малку интимност) туку за другите меѓу нас а слични на него, оние со божја дарба, квалитети и постинувања кои би требало да не прават горди, а главно ги плукаме колку и каде што ќе стигнеме. Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини. Едни се политички проблематични („лаеле“ што треба и што не треба), други имаат лош карактер, се караат, се тепаат „се брукаат“. Трети јавноста ги терети дека имаат швалер/ки, љубат премногу алкохол. Четврти се „простаци, дојдени од селендра“, петти „за пара ќе убијат, слушај ме ти мене“. И така натаму и така натаму и се во тој правец.

Во ред. Проблемот е во тоа што ние немаме квалитетни и врвно успешни луѓе за извоз. И без разлика на можните карактерни недугавости или социјално несоодветни однесувања, овие луѓе ја задолжиле нацијата со нешто. Донеле медали и награди, заради некои од нив во далечниот свет некој воопшто и чул за Македонија, направиле продукт кој донел бенефит за сите. А нашето општество со таква сласт знае да ги мрази поради нивните човечки слабости што е просто неверојатно. Зошто? После стотина години, кога никој од сега живите нема да се мота низ земјава, наследниците ќе го гледаат она што сме го оставиле позади себе и главно ќе знаат за нивните успеси. Затоа што тие остануваат за век и веков. На никој нема да му биде гајле дали тој и тој/таа и таа бил/а за ВМРО или за СДСМ, дали седел/а во кафана до рани зори или по крајот на кариерата отворил/а ќебапчилница со лош квалитет, туку ќе се гордеат дека освоиле златен медал, добиле принзнание од светски реномирани институции, изработиле лек што спасува животи. Нивната музика и тогаш ќе се слуша со задоволство, репликите од нивните филмови ќе ги кажуваат и тогашните „копиљаци“ како нешто што вреди и се подразбира.

Ако е така, тогаш зошто и ние, како современици и сонародници да не направиме напор над себе и да им прогледаме низ прсти за гревовите кои, да бидеме реални, не се ништо посебно и едноставно да го уважуваме тоа што го прават во својата област на интерес подобро од останатите. Знам дека ваквото мислење не е особено популарно во ова „настрвено“ време кога секој на секого му бара влакно во јајцето, а успехот на другиот не се простува. Но, зашто да не се промениме.? И ако некого го интересира, не зборувам за конкретно лице или лица бидејќи за овој текст не се важни имињата, туку е важна идејата за промена на свеста и општетсвена валоризација на реалниот квалитет со великодушно замижување на пропратните слабости. Без „ама“ и без „е да бе“. На крајот на краиштата можеби со таквиот пристап на сите ќе ни дојде поубаво, макар со тоа што, за промена, наместо омраза ќе почувствуваме гордост или едноставно обично човечко задоволство дека сите сме листови од едно и исто дрво. Ако грешам, па што? Нема да ми е првпат!

 

Најнови вести од: Македонија

ЕУ започна да го воведува новиот систем за влез/излез (EES) – патниците чекаат и по три часа на аеродромите!

„ЕУ започна постепено да го воведува својот нов Систем за влез/излез (EES) во октомври оваа година, барајќи од државјаните на трети страни да се снајдат со новата технологија на границите каде што е воспоставена.“ – објави „Еуроњуз во својата информација со наслов „Систем за влез/излез од ЕУ: Првата фаза од воведувањето ги остава патниците да чекаат до 3 часа на аеродромите“.

To top