Македонија

Александар Томовски – македонскиот мајстор на светлината и сенките блесна на Фото-Олимпијадата во Санкт Петерсбург

Македонски фотограф

Македонскиот фотограф Александар Томовски постигна историски успех на престижната Фото-Олимпијада (PhotOlympic 2025) што се одржа во Санкт Петерсбург, Русија, освојувајќи три златни медали во категориите Култура, Насипи и Сенки, како и две бронзени за Броеви и Храмови. Со овој подвиг тој уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од најуспешните современи фотографи од Македонија на меѓународната сцена.

PhotOlympic е престижен меѓународен фотографски натпревар организиран од НВО „Лига на професионални фотографи“ од Санкт Петерсбург, Руската Федерација и фото-заедницата „Frame24“ од Нови Сад, Србија, во соработка со Меѓународната асоцијација на уметнички фотографи (IAAP). Ваквата соработка му дава на натпреварот исклучителна тежина и кредибилитет и ја потврдува неговата важност во светски рамки.

За да стигне до овој резултат, Томовски помина низ три елиминациски круга, продолжи во полуфиналето, а на крајот се најде во финалето, каде што во силна конкуренција од автори од целиот свет повторно блесна со својот препознатлив визуелен потпис. Во полуфиналната рунда настапија фотографи од земји како Северна Македонија, Турција, Индија, Иран, Романија, Индонезија, Ирак, Бугарија, Оман, Русија, Србија, Обединетото Кралство, Црна Гора, Казахстан, Виетнам, Бангладеш, Босна и Херцеговина, Бразил и Тајланд, што уште еднаш го потврдува глобалниот карактер и високото ниво на конкуренција на ова натпреварување.

Овој успех е дел од континуираната низа на извонредни достигнувања во кариерата на Томовски. Лани, во рамките на концептот 24 Frames, тој постави рекорд по број на освоени медали на едно такво натпреварување – вкупно 12 (5 златни, 5 бронзени и 2 сребрени). Концептот на „24 Frames“ е уникатен предизвик: учесниците, и во полуфиналето и во финалето, добиваат 24 различни теми и имаат само 24 часа да создадат и прикачат по една фотографија за секоја тема. Овој формат бара не само креативност, туку и извонредна брзина, адаптибилност и способност да се пренесат идеи во екстремно ограничен временски рок.

Биографија и уметнички израз

Александар Томовски е роден во 1985 година во Скопје. По професија е софтверски инженер, но страста за фотографија и филм го дефинираат во најголем дел од неговото време и живот. Неговата љубов кон фотографијата започнува во природата и на планинските височини, потоа се спушта низ уличната атмосфера на градот и сè повеќе се приближува кон секојдневието на луѓето, за постепено да се фокусира на женската форма како суштинска инспирација во уметноста низ вековите. Токму тука своето место го наоѓаат балетот и балерините, со нивната елеганција и грациозност, како и изразите преку актерство, танц, костими и сценска емоција.

Неговите фотографии се препознатливи по деликатната интеракција на светлина и сенка, преку кои создава интимни визуелни приказни исполнети со симболика и емоции. Тој умешно го спојува минимализмот со длабока човечка изразност, при што фотографијата преминува во уметничка исповед.

Со текот на годините, Томовски учествувал на престижни меѓународни конкурси и групни изложби во реномирани галерии, освојувајќи бројни златни, сребрени и бронзени медали, пофалници и дипломи во над 20 земји низ светот. Често настапува и како член на жири-комисии на натпревари под покровителство на FIAP, PSA и други институции, а беше и првиот претставник од Македонија поканет во жирито на руската меѓународна манифестација 35Awards.

Во ноември 2023 година ја стекна титулата Мајстор на фотографија на Националната фото унија на Македонија. Во истата година беше прогласен во топ 5, топ 3 и најуспешен изложувач за 2021, 2022 и 2023, а во 2024 – за најдобар фотограф и фотографија на годината, со што влезе во Hall of Fame на IAAP како најуспешен македонски автор и 30-ти во светски рамки од 54.252 учесници. Воедно, тој ја носи и титулата Titan две години по ред.

Во 2024 година ја доби титулата SIAAP (Supreme International Association of Art Photographers), а во 2025 – престижната титула AFIAP (Artist of FIAP – International Federation of Photographic Art).

Најнови вести од: Македонија

Системот „Безбеден град“ ќе ги казнува и странските возачи, кои ќе направат прекршок, минувајќи низ Македонија

Возачите кои транзитираат низ Македонија ќе бидат опфатени во системот „Безбеден град“, казни ќе има и за странските државјани, целта е да се почитуваат сообраќајните правила и да се спасат човечки живот, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој заедно со неговиот српски колега Ивица Дачиќ ја промовираа кампањата „Вози одморен“ на Граничниот премин Табановце.

Панова: СДС го блокираат изборниот закон и можноста Македонците од дијаспората полесно да го остварат своето право на глас

„СДС повторно избра да ги кочи процесите наместо да понуди решенија. Додека декларативно зборуваат за демократија, во пракса го блокираат Изборниот законик и можноста Македонците од дијаспората полесно да го остварат своето право на глас. 10.000 амандмани против македонската дијаспора!“ – нагласува Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ на својот фејсбук-профил.

Алиу: За бубрег чекаат 168 пациенти, а за срце 37 – новиот систем за дарување органи почнува од 1 октомври 2026

Во моментот имаме 168 пациенти што чекаат за бубрег, 37 пациенти што чекаат за срце, 12 за црн дроб и 23 за рожници. Затоа новото законско решение за органодарителство е голем исчекор кон здравствениот систем во државата. Ова го истакна денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција посветена на трансплантацијата.

Обвинение против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство: барал 100 илјади евра мито, за да одобри увоз на вештачко ѓубре!

Според неофицијални информации, станува збор за Васе Анакиев, директор на Државниот инспекторат за земјоделие, кој бил фатен при барање и примање поткуп од околу 50.000 евра. Анакиев е на функцијата од јули 2024 година. На 19.03.2026 година, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.

Во скопски Аеродром девојчиња ѝ удираат шлаканици на врсничка и ја влечат за коса, додека моли за милост, клекната на колена, а други ја снимаат „забавата“! (Видео)

На општествените мрежи се појави вознемирувачка снимка, која прикажува нов случај на брутално врсничко насилство меѓу малолетници во скопската населба Аеродром: девојче е физички и психички малтретирано од група малолетници, додека присутните го снимаат инцидентот без да интервенираат. Ова предизвика бурни реакции во јавноста.

Најнови вести

To top