Македонија

Барања, закани и предупредувања на протестот на студентите-Албанци: Држава што не ги спроведува правата не може да постои! – За албанскиот јазик не се преговара!

Во Скопје денеска се одржа студентски протестен марш, на кој студентите-Албанци протестираа, поради, како што тврдеа, „неспроведување на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит“. Маршот започна од плоштадот „Карпошово востание“, продолжи преку Камениот мост и заврши пред Министерството за правда, каде што беше побарана оставка на ресорниот министер Игор Филков. Информативната агенција Нетпрес извести дека со албански и американски знамиња, како и со транспаренти „Стоп за институционалната дискриминација“, студентите протестираа, барајќи правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Не беше видено македонско знаме, знамето на државата Македонија, во чиј главен град Скопје се протестираше и се бараше односната употреба на албанскиот јазик.

Информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од овој протест објави: Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков, инсистирајќи на „почитување на законските одредби и обезбедување рамноправност“. „Филков, оставка!“ и „За албанскиот јазик нема преговори!“ – ова беа главните пораки што доминираа на протестот на студентите-Албанци денес во Скопјe. Тие студенти од три универзитети – Универзитетот во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот Мајка Тереза ​​– се придружија на овој протест, барајќи „испитот по право да се одржи на албански јазик, како право загарантирано со закон“.

Демонстрантите побараа оставка од министерот за правда, Игор Филков, по неговите изјави дека нема да дозволи испитот да се одржи на албански јазик. Студентите нагласија дека „нивното барање е јасно: целосно спроведување на Законот за употреба на јазиците“. Еден од главните гласови на протестот, студентот Мевлан Адеми рече дека овој „протест е резултат на неправда што не требало да постои во 2026 година“, нагласувајќи дека „држава што не ги спроведува правата не може да постои!“

„Овој протест требаше  некогаш порано да се случи. Не требаше да се помисли дека во 2026 година студентите ќе излезат на улица, поради својот јазик. Пред да бидеме студенти и професионалци, ние сме Албанци. Албанскиот јазик не е само начинот на кој зборуваме, туку начинот на кој постоевме и стигнавме до тука. Албанскиот јазик не е предмет на преговори. Ние сме студенти по право – утре ќе го браниме законот, но денес го бараме нашето право на мајчин јазик. Држава што не ги спроведува своите права не може да постои!“ – изјави Адеми.

Студентот Бесар Сејдиу нагласи дека „нивното барање е минимално и целосно законско“. „Нашето барање е едноставно: почитувајте го Уставот и законот – ни повеќе, ни помалку. Нашите колеги имаат право да полагаат правосуден испит на албански јазик. Секое одложување е обид да се негира ова право.“ -, изјави тој. На крајот од протестот, студентите испратија „јасна предупредувачка порака до институциите“: „Ќе се вратиме повторно, ако не се реши прашањето за правосудниот испит на албански јазик“ – објави ИНА.

Најнови вести од: Македонија

Убава вест: Крај за договорите на дело во државните институции – работниците ќе добијат вработување на неопределено време

Лицата ангажирани со договор на дело и други видови договори во дел од јавниот сектор ќе добијат можност за вработување на неопределено време, со законско решение што предвидува фазна трансформација на нивните ангажмани.

„Н.М.“: За Македонија отворањето на Уставот не смее да биде приоритет! – Во овој опасен геополитички момент по диктат на Бугарија тоа е самоубиствено!

„Сега во овој опасен геополитички момент отворање прашања по диктат на Бугарија е опасно и самоубиствено. Приоритет треба да се внатрешните реформи, зајакнување на демократските капацитети на државата и создавање широк консензус за стратегиските прашања, за националниот интерес.“ – се нагласува во анализата со наслов „Проширувањето може да предизвика геополитички расцеп во Европа – каде тогаш ќе се (с)најде Македонија“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

(Фото): Општина Карпош и Град Скопје во заедничка инспекциска акција

Во текот на акцијата се вршеа целосни и детални контроли во рамки на надлежностите на инспекциските служби. Во одредени случаи, беше побарана и теренска придружба од униформирани полициски службеници од ПС Карпош.

To top