Македонија

Богојески пак ја шокира јавноста: „Хистерични кучкарки“, „комунистичка левичарска багра“ и „левичарска булумента“ (ВИДЕО)

На своите политички и идеолошки противници им ја припишува одговорноста за порастот на убиствата на жени, а тие кои протестираа ги обвини дека заработуваат од странски фондации и амбасади

По вчерашниот протестен марш „Ниту една повеќе!“ во Скопје, по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, одново на социјалните мрежи се огласи претседателот на Македонски концепт и професор на Воената академија, Петар Богојески.

Тој повторно ја шокира јавноста со серија навреди кон жените и активистките кои вчера протестираа во Скопје против фемицидите и институционалната негрижа.

Граѓани и активисти се собраа во паркот „Жена Борец“, по што маршираа покрај Собранието и Министерството за правда, завршувајќи го протестот пред Министерството за образование и наука.

„Не бараме сочувство, бараме одговорност“ беше една од главните пораки на протестот.

Во своето ново видеообраќање, Богојески ги нарече „хистерични кучкарки“, „комунистичка левичарска багра“ и „левичарска булумента“, обвинувајќи дел од демонстрантите дека се платени да протестираат.

Наместо повик за солидарност со жртвите на родово базираното насилство, Богојески своето обраќање го започнува со навреди кон учесниците на вчерашниот протестен марш во Скопје.

„Не дека имав намера да се замарам со таа комунистичка левичарска багра, него бидејќи бев прозван десетина пати, морам да дадам, нели, некаков одговор на сето тоа“, вели Богојески.

Тој ги дели учесниците на протестот на две групи. За едните вели дека се чесни граѓани загрижени поради убиствата на девојчиња и малтретирањето жени, додека за другите користи крајно понижувачки квалификации.

„А тоа се кучкарките и оние левичарски бандити кои се платени, земаат кеш за да го прават тоа што го прават и за да дејствуваат на тој начин хистерично“, тврди Богојески, без во обраќањето да понуди докази за своите обвинувања.

„Така да, внимавајте друг пат со кого излегувате на протести и кој ви ги води тие протести. Не платеници, хистерични кучкарки, кои ништо не постигнале во животот. Само мразат тие што нешто сме направиле.“

Богојески оди дотаму што на своите политички и идеолошки противници им ја припишува одговорноста за порастот на убиствата на жени.

„Така да, имате два пата кои ги бирате. Патот на хистеричните кучкарки, левичарска булумента, која ги донесе овие убиства и која го уништи општеството, не само во Македонија, насекаде низ светот“, изјавува Богојески.

Во завршницата на обраќањето уште еднаш ги навредува жените кои протестираат, истовремено обвинувајќи ги дека заработуваат од странски фондации и амбасади.

„Доста беше од вриштење по улици на хистерични кучкарки за да заработат некој денар, по некое проектче од некоја амбасада или од некоја Сорос фондација..“ вели меѓу другото тој.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Памер: Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка за Македонија (ВИДЕО)

Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи Вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ

To top