Македонија

Даниловски: Одложувањето на БСЖ- вакцината е мерка на претпазливост

Донесен е заклучок времено да се одложи БСЖ-имунизацијата до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со појавата на несаканите реакции кои се појавија во Хрватска, вели епидемиологот

Епидемиологот д-р Драган Даниловски, вели дека привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија треба да се разбере како мерка на претпазливост додека трае проверката на безбедносниот сигнал пријавен во Хрватска, а не како доказ дека вакцината е небезбедна.

Тој во објава на социјалните мрежи објаснува дека одлуката на Комисијата за имунизација следува по информациите од Хрватска, каде биле пријавени четири сомнителни случаи на BCG-остеитис/остеомиелитис кај деца вакцинирани во текот на 2024 и почетокот на 2025 година.

„Она што го вклучи алармот кај хрватските здравствени власти не е самата дијагноза, туку концентрацијата на случаите во релативно краток временски период. Во претходните десетина години во Хрватска немало ниту еден ваков случај, а појавата на четири сомневања во рок од една година оправдано се смета за неочекувано висока зачестеност“, наведува Даниловски.

Според него, во медицината ваквата појава се нарекува „безбедносен сигнал“, но тоа не значи автоматски дека е утврдена причинско-последична врска.

„Сигналот е едноставно знак кој вели: тука е потребно внимание, детална анализа и проверка. Неговото појавување само по себе сè уште не ја утврдува причината за проблемот“, објаснува епидемиологот.

Тој посочува дека сомневањата во Хрватска се поврзани со две серии на вакцината, а како мерка на претпазливост таму е привремено запрена примената на сите серии од истиот производител додека трае контролата.

Даниловски информира дека Македонија ја користи БСЖ-вакцината од истиот производител како Хрватска, поради што Комисијата за имунизација побарала дополнителни информации од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

„Донесен е заклучок времено да се одложи БСЖ-имунизацијата до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со појавата на несаканите реакции“, наведува тој.

Според него, досега во Македонија нема пријавен безбедносен сигнал сличен на оној што се испитува во Хрватска.

„Во последните десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација, во август 2022 година. Станувало збор за апсцес на местото на апликација, реакција која е позната и опишана во упатството за вакцината“, пишува Даниловски.

Епидемиологот нагласува дека привременото одложување не значи преиспитување на улогата на БСЖ-вакцината, која и понатаму има значајна улога во заштитата на децата од тешки форми на туберкулоза.

„БСЖ-вакцината има долга историја на примена низ целиот свет. Нејзината улога е незаменлива во заштитата на најмалите од најтешките и најопасните форми на туберкулоза, како што се милијарната туберкулоза и туберкулозниот менингитис“, посочува Даниловски.

Тој додава дека одлуките за вакцинација секогаш се носат со проценка на користа и ризикот.

„Актуелната процедура не ја оспорува самата вакцина, туку е насочена кон еден конкретен безбедносен сигнал со цел да се открие неговата точна причина“, вели епидемиологот.

Апел до родителите: нема место за паника

Даниловски посочува дека родителите чии деца веќе ја примиле БСЖ-вакцината и се чувствуваат добро немаат причина за дополнителни превентивни испитувања.

„Децата кои веќе ја примиле вакцината и кои се чувствуваат добро, без никакви симптоми, немаат никаква потреба од превентивни снимања, лабораториски анализи или други дијагностички испитувања“, наведува тој.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова: Монетарната и финансиската стабилност се јавно добро чиишто придобивки ги споделува целото општество.

Глобалните финансиски кризи, геополитичките тензии, климатските промени и забрзаниот технолошки развој наметнуваат нови барања пред централните банки

Европска недела за БЗР: Побезбедни работни места преку грижа за менталното здравје и навремено препознавање на ризиците

Унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа (БЗР), со акцент на менталното здравје и психосоцијалните ризици на работното место, културата на превенција и добрите практики на домашните компании, ги обедини сите релевантни чинители на настанот со кој беше одбележана годинешната Европска недела за безбедност и здравје при работа. Во рамките на настанот беа доделени и националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа за 2026 година.

Николоски пред германските инвеститори: Работиме на инфраструктурниот развој на државата, Германија е трговски партнер број еден на Македонија

Активно се работи на железничкото поврзување на Коридор 8, на автопатските делници на коридорите и најави изградба на нови експресни патишта.

Судијката која му ги најде закопаните 350.000 евра в ѕид на Ѓоко Ристов избрана за јавна обвинителка за гонење организиран криминал и корупција

Искра Хаџи Василева е избрана за нова шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Таа освоила 67 гласа, а зад неа втор е Трајче Пеливанов, додека трет е Јован Цветановски.

Мицкоски: Македонија има највисок економски раст во регионот и инфлација пониска од европскиот просек

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата води про-бизнис и проекономска политика, посочувајќи ги податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка како потврда за економските резултати на Македонија.

To top