Македонија

Директорот на Финансиската полиција Слободан Ивановски на конференција во САД

Заедно со него се и директорите на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, учествува на Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP 2026), која се одржува во Орландо, Флорида.

Заедно со него на настанот се и директорите на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност.

Ивановски е на конференцијата на официјална покана на Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), која функционира во рамките на Кривичниот оддел на Министерството за правда на САД.

На свеченото отворање посебно биле истакнати значењето на меѓународната соработка, размената на информации и зајакнувањето на капацитетите на безбедносните институции во борбата против организираниот криминал.

Од Управата за финансиска полиција посочуваат дека учеството на конференцијата е особено важно поради презентацијата на нови технологии и иновативни алатки за откривање и сузбивање на финансискиот криминал, како и на други форми на криминал.

Современите технолошки решенија и практики, според нив, би можеле да придонесат за поефикасна работа во предистражната постапка, во која Управата има значајна улога.

Учеството претставува и можност за запознавање со меѓународните практики и за унапредување на соработката со безбедносните институции од други земји, особено во делот на координираните истраги и навремената размена на информации во случаи поврзани со организираниот криминал и корупцијата.

Од Управата нагласуваат дека примената на современи методи и доследното спроведување на законите се клучни за заштитата на безбедноста и националните интереси на државата.

Најнови вести од: Македонија

To top