Американската војска извршила нови, ограничени напади врз Иран, при што бил погоден ирански систем за противвоздушна одбрана, потврди американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој ја опиша операцијата како мала воена акција, наведувајќи дека иранскиот систем бил онеспособен за неколку минути.
„Изградиле мал систем за противвоздушна одбрана, а ние го онеспособивме за околу 15 минути, можеби и за пет“, изјави Трамп пред новинарите при пристигнувањето во Вест Палм Бич, Флорида, без да открие дополнителни детали за целта на нападот.
Претходно, иранските државни медиуми објавија дека две експлозии одекнале на островот Кешм, во стратешки важниот Ормуски Теснец.
Американски претставници претходно соопштија дека поголемиот дел од иранските системи за противвоздушна одбрана бил уништен или сериозно оштетен за време на израелските бомбардирања во јуни 2025 година, како и во почетната фаза од актуелниот конфликт.
Американската војска и во понеделникот соопшти дека извршила, како што беше наведено, одбранбени напади. Тогаш експлозии биле регистрирани на островите Кешм и Хенгам, во Ормускиот Теснец, како и во крајбрежната област во близина на Бандар Абас.
Нападите извршени во петокот се првите по тешкиот пораз на Републиканската партија на Трамп на меѓуизборите во вторникот во САД. Републиканците ја загубија контролата врз двата дома на Конгресот, а меѓу причините за изборниот резултат се наведуваат незадоволството на гласачите од начинот на кој Трамп го води конфликтот и високите цени на горивата.